Али Алмосави е инженер во Мозила, соработник во истражувачкиот центар MIT Media Lab, и автор на оваа книга на лоши, или погрешни аргументи, илустрирана од графичкиот дизајнер Алехандро Џиралдо. Неговата надеж е дека преку вака визуелизираните грешки во расудувањето „читателот ќе ги сфати најчестите стапици во аргументирањето и ќе биде способен да ги идентификува и да ги одбегнува во секојдневниот живот". Секоја од потенцијалните грешки е претставена на по една страница, а илустрациите се делумно инспирирани од алегориите на Орвеловата „Животинска фарма" или песните на Луис Керол.
Да се чита за работи кои човек НЕ треба да ги прави е всушност корисно искуство, вели авторот, цитирајќи го Стивен Кинг кој во неговата книга „За пишувањето" вели: „Човек најдобро учи што не треба да прави преку читање лоша проза. Да читаш грозен роман тоа е книжевен еквивалент на вакцина од сипаници". Со оваа книга тие сакаат да го направат токму тоа - да нè вакцинираат од грешки во логиката. Притоа не е толку важно што со погрешната логика ние би ги измамиле другите, туку што тоа би си го сториле себеси („Првиот принцип е да не се мамиш себеси, а токму ти си најподложниот на измама" - Ричард Фејнман)
Еве неколку од таквите грешки:
Засновање аргумент врз можните последици од неговото прифаќање или отфрлање (илустрација горе). Само затоа што некој исказ води кон заклучок кој не ни се допаѓа, тоа не значи дека треба да се отфрли. И обратно, во случај на добри последици, некој аргумент може да ни ги подгрее очекувањата и надежта, но тоа не значи дека тој е валиден. Да речеме дека докторот ви советувал диета, затоа што така ќе го намалите холестеролот. Вашето размислување: „Ако не јадам, ќе бидам гладен, ќе се чувствувам лошо, значи диетата не помага во подобрувањето на моето здравје". Ај важи.
Повикување на нерелевантен авторитет.Голем број нешта во кои веруваме, како атоми или сончевиот систем, се резултат на тоа што некој во текот на нашето образование и воспитување не' убедил во нивната вистинитост, која е утврдена од повисок авторитет. Но често авторитетот на кој некој се повикува за да ја зацврсти својата теза е неодреден или нерелевантен. „Некои истражувачи велат", „древните цивилизации практикувале", „порано се правело така и така", „професорите во Германија покажале дека е вистина"...Ова е важно не само при цитирањето извори во академски статии, туку дури и во рубриките „Здравје" во женските списанија, кои повикувајќи се на непостоечки авторитети за некоја тема може да направат голема беља, создавајќи научно-популарни митови, кои тешко се искоренуваат.
Виновен заради поврзаност со некого или нешто. Се работи за дискредитирање на аргумент затоа што тој предлага идеја која се споделува од некоја социјално демонизирана група или поединец. „Мојот опонент промовира здравствен систем кој би личел на оној во социјалистичките земји. Затоа системот не чини" Тоа што нешто личи на нешто не е аргумент за и против, туку типичен non sequitur, или отсуство на логички след.
Други интересни примери можете да прочитате сами, целата книга во електронска форма е тука, а наскоро најавуваат и нејзино излегување на хартија. Она што е најважно да се запамти е веројатно напишано во белешката на крајот: аргументацијата е како водоводна цевка - вистината од неа влегува од едниот крај, а излегува од другиот. Она што почнува како лага, тешко дека среде цевка може да се претвори во вистина.