И вас ве мачи алергија? За тоа е виновен ботаничкиот сексизам

Овој необичен термин се однесува на нагласеното промовирање на садење машки растенија во урбани области, за да се одбегне отпадот од плодови и цвеќиња. Но бидејќи машките растенија произведуваат полен, ова може да доведе до високо ниво на алергени во воздухот. Вратете ги женските билки во градот!

Најпрвин, краток вовед во начинот на кој се репродуцираат растенијата. Тие можат да бидат машки, женски и хермафродити. Во старите добри времиња, природата одржувала фин баланс помеѓу нив, одржувајќи го екосистемот во хармонија.

И тогаш се замешале луѓето.

Во обид да се одржи „редот“ во урбаните пејзажи, градските планери и пејзажисти почнале да садат поголем број машки дрвја. Зошто? Затоа што тие не произведуваат овошки кои кога ќе скапат паѓаат на земјата и прават проблем на тротоарите. Но во овој навидум одличен план има еден голем пропуст.

Машките дрвја произведуваат полен. Многу полен. Тие се како „Казанови“ на растителниот свет, ширејќи си го генетскиот материјал на далеку и на широко. Ова може да звучи романтично, ама не за луѓе кои се алергични. Оние жолти облаци кои едрат низ воздухот на пролет? Тоа е дело на прекумерно ентузијастичните машки дрвја. 

Со тоа што фаворизираме машки растенија, создаваме поленски цунамиња. Кивање, насолзени очи и месеци поминати на антихистамини се последица на овој ботанички сексизам. 

Што е решението? Време е да ги вратиме назад женските. За разлика од машкото испуштање семе, женските дрвја и растенија го фаќаат поленот и произведуваат овошки. Добро, може и ќе падне некоја дудинка на тротоар, ама нели е тоа помалку опасна последица од инфекција на синуси?

Ботаничкиот сексизам можеби звучи како шега, но со тоа што ќе внимаваме што бираме да насадиме во нашите урбани простори создаваме поздрава и побалансирана околина. 

извор

23 мај 2024 - 14:53