И обратното од прокрастинација не е на арно

Знаеме за она одложување на битните задачи на сметка на правење комплетно неважни нешта во текот на денот, само затоа што второто е полесно. Ама и желбата да се заврши сè и веднаш си има психолошки последици.

Некако се препознавме во описов: имаш сто обврски, и бидејќи си свесен дека некогаш ќе мора да бидат завршени, се обидуваш да ги исполниш сите и веднаш, без оглед на тоа што: 1. тоа не е можно; 2. тоа те исцрпува; 3. ништо реално не е толку итно.

Обратното од прокрастинација (одложување) си има име - прекрастринација, или брзање некоја работа да се заврши што побргу. Професорот Дејвид Розенбаум од Универзитетот Калифорнија во Риверсајд ги истражува опасностите од ваквата тенденција, која резултира со вложување непотребни напори. Тоа секако може да се одбегне со планирање, но пред сè со помалку анксиозност.

Обратно од прокрастинаторот (одложувачот), кој без мува да го лази може да остави инбокс полн со пораки до следниот ден, прекрастинаторот (избрзувачот) ги чита и одговара на сите онака како што тие пристигнуваат. Притоа може да се случи да не се концентрира доволно на оваа активност, па потоа да жали за напишаното или за некоја грешка. Истовремено, некоја можеби побитна работа останала незавршена само за да се исчисти сандачето.

Зошто луѓето го прават ова? Розенбаум вели дека за повеќемина е тешко да се одолее на искушението да се посегне по „овошките на ниски гранки“, односно до она што ти е непосредно на дофат и кое изгледа лесно за завршување. „Можам да го средам ова за минута, зошто да чека?“ е јадицата на која многумина се фаќаат, а заради што можат да зажалат кога ќе сфатат дека таа една минута се протегнала на неколку часови.

Профилите на личност кои најчесто реагираат на овој начин се оние високо одговорните, кои сакаат да удоволат на барањата на другите и се полни со енергија. Но понекогаш избрзувањето е резултат на притисок на околината, која „не остава можност да се помирисаат цвеќињата“ - да се забави темпото и да се биде поспокоен, дури и кога задачите се трупаат.

извор

20 декември 2019 - 14:26