На студен зимски ден во 1919, минувачите среде хаосот на празничната сезона наидувале на необична глетка на Поштенскиот плоштад во Бостон. Новогодишна елка украсена со пченка, проѕирни лампиони и црвени банери, со натпис: „Здружение за спречување на суровост кон животни - Масачусетс“. На штандови биле поставени садови со јаболка и стогови сено. Под самото дрво имало сандаци со моркови и луѓе кои ги сецкале на мали парчиња, за да им бидат дадени на коњите како бонбончиња.
Ваквото необично внимание кон коњите во тој период било исклучок. Со оглед на тоа што кочиите почнале да бидат заменувани со моторни возила, животните веќе не биле толку „интересни“, па оние кои до скоро ги користеле како транспортни средства или работна рака (односно копито) веќе не биле заинтересирани за нивната благосостојба. Оттаму, некои бостончани сакале да потсетат дека токму коњите ја овозможиле еволуцијата на урбаната економија и дека не залудно моќноста на новите возила се мерела (како што и денес се мери) во „коњски сили“.
Весниците во таа 1919 ја одбележале манифестацијата со коментар:
„Изненадувачки е каков обединувачки ефект има едно дрво поставено во чест на коњи врз мажите и жените од сите возрасти. Може со сигурност да се тврди дека секој кој издвоил барем неколку моменти од својот растрчан ден за да им даде утеха на сиротите животни, пошол дома со малку повеќе топлина во срцето“.
Грижата за животните се поврзувала со заштитата на луѓето. Злоупотребата на коњите на пример е асоцирана со злоупотреба на деца и домашно насилство, односно ставот бил дека секое од овие насилства го потхранува другото. Новогодишните забави за работните коњи навистина ја зголемувала свесноста за потребите на сите живи суштества - со тоа што им нуделе храна и пијалок на возачите, хуманитарните здруженија повикувале на поголема грижа за оние кои до скоро биле моторната сила на човештвото.