И бебињата и возрасните го сакаат Ван Гог

Елементите како контраст и поширока палета бои (читај: шарено) им се допаѓаат и на бебиња и на возрасни. Оттаму, можеби нашите естетски преференци и не се менуваат толку многу во текот на животот. Освен кога во нив ќе се замеша животното искуство кое бебињата го немаат.

Без оглед дали станува збор за златно-жолти житни полиња или ѕвездени неба, пејзажите на Ван Гог ги восхитуваат љубителите на уметноста. Но сега истражувачите дошле до заклучок дека сликите кои возрасните ги сметаат за привлечни се исти такви и за бебињата. 

Тимот вели дека одредени преференци за тоа што е она што го одбираме во визуелна смисла се веќе присутни во раното детство и истите се прелеваат во подоцнежните години, иако животното искуство исто така влијае врз тоа кои слики ќе ги сметаме за најубави кога ќе остареме. 

„Изгледа дека постои некаква врска помеѓу зрелата возрасна ететска реакција и раните сетилни преференци, особено кога станува збор за контраст и боја“, вели Филип МекАдамс, прв автор на студијата од Универзитетот во Сасекс, објавена во списанието Journal of Vision. 

Во неа тој и колегите опишуваат како на бебиња стари од 18-40 недели и возрасни помеѓу 18 и 43 години им бил покажуван избор од 10 пејзажи на Ван Гог помеѓу 40 можни слики. Тие биле прикажувани во парови, во 45 различни комбинации за секој учесник.

Бебињата биле седнати во скут на родителот во малку замрачена просторија кај нив дома, и биле снимани на камера додека им биле покажувани парови слики по пет секунди секој. Ако бебето гледало подолго некоја слика во споредба со друга, тогаш ова се толкувало како визуелна преференца за истата. 

На возрасните на сличен начин им биле покажувани 45 парови слики, но тие требало да ја одберат онаа која им била најпријатна. Тимот користел податоци од 25 возрасни за да процени просечна пријатност за секое дело, а оваа бројка била споредувана со просекот на набљудувачкото време од 25-те бебиња.

Резултатите покажале дека бебињата гледале подолго во дела кои и возрасниот учесник ги бодувал повисоко во однос на пријатноста. Ова особено се однесувало на конкретна слика на Ван Гог, „Зелени стебла пченка“ и други во кои имало поголема варијација на светло-темно и поширока палета бои. 

Едно можно објаснување е дека повисокиот контраст на одбраните слики ги прави полесни за гледање за бебињата, бидејќи нивниот вид е малку замаглен. Ако бебето може да го види нештото, тогаш и неговиот мозок полесно ја процесира таа информација. 

Сепак, помеѓу возрасните групи имало и разлики. На пример бебињата гледале подолго во попредвидливи слики, како оние со парчиња небо, додека возрасните повеќе ги сакале таквите со неочекувани нешта во пејзажот. Бебињата исто така се концентрирале на слики со голем број рабови и кривини, но возрасните ним не им давале повисоки оценки. Ова не е необично бидејќи лицата имаат голем број кривини на нив, а бебињата уште од моментот кога се родени гледаат и се обидуваат да распознаат токму ликови. Возрасните пак имале други влијанија врз вкусот, како на пример тоа дали некој пејзаж ги потсетувал на одредена локација. 

Статијата го демонстрира континуитетот кој може да постои помеѓу она што би сакале да го гледаат нашето бебешко и нашето возрасно „јас“.

извор

14 август 2023 - 15:57