Тешко е да се стигне до креветот, и тој е претесен. Вратата од купатилото не се затвора, а од неа не може да се дофати држачот за тоалет хартија.
Ова можеби звучи како негативна критика на сајтови како Букинг или Трип адвајзор. Но доколку престојувате во хотелската соба дизајнирана од Кристофер Семјуел, непријатното чувство е токму целта која тој сака да ја постигне.
Тој е еден од 19-те уметници кои имаат креирано соба во приморски хотел во Блекпул, но е единствен меѓу нив кој оди контра секоја квалитетна туристичка логика, создавајќи „јузер анфрендли“ околина. Врв на таа симболика е вградено шише со гел за туширање во купатилото, кое е поставено на погрешната страна (со отворот нагоре).
Но ова не е направено заради некаква шега, туку затоа што уметникот сака на овој начин на посетителите да им укаже на тоа како се чувствуваат голем број луѓе со хендикеп кога престојуваат во простор кој не е адаптиран на нивните потреби - фрустрирано, непријатно, на моменти и понижено. Семјуел, кој од 2017 е во електрична количка, морал да мине три месеци во слична хотелска соба бидејќи станал бездомник заради административни препукувања околу неговата социјална помош. Собата била претесна, не можел да го користи креветот и спиел во количката, а исто така непристапен му бил и тоалетот и морал да користи кофа. Тој е свесен дека неговиот дизајн најпрвин предизвикува смеа, дека е игрив и театрален, но за жал тој е и многу реален.