Изминатото лето, додека „Опенхајмер“ беше хит во кината низ светот, во Јапонија го немаше на репертоарот. Официјално соопштение за причините не беше понудено, но претпоставките беа дека чувствителноста на темата довело до тоа дистрибутерите да донесат ваква одлука.
И некако е „логично“ - околу 140.000 луѓе умреа во Хирошима и 74.000 во Нагасаки кога САД фрли атомски бомби на овие градови, кратко време по крајот на Втората светска војна во Европа.
Филмот конечно ќе биде прикажан во Јапонија на 29 март, но во меѓувреме се организираат специјални проекции за одредени целни групи, за филмот да се стави во поширок (не само американоцентричен) историски контекст. Така, во Хирошима него ќе имаат можност да го видат организирани групи средношколци, а слични пред-проекции ќе има и во Нагасаки.
Најголем ризик е како на него ќе реагираат преживеаните од бомбардирањата и нивните семејства. Јапонците особено остро реагираа на Барбихајмер мемињата кои следеа по истовремената премиера на „Барби“ и „Опенхајмер“, кои комбинирајќи смешки со трагедијата на единствената нација која има доживеано воен нуклеарен напад ја релативизираа истата.
Во Хирошима се уште постојат градби кои намерно не се реновирани (како Кулата на атомската бомба - слика горе), кои остануваат симбол на уништувањето на градот.