Во Северна Америка постоеле стотици домородни јазици, групирани во десетици јазични семејства. Јазиците од исто семејство можеле да бидат исто толку слични колку на пример англиски и холандски, или исто толку различни колку англиски од урду или од грчки. Па сепак, во американските (а и дел од европските) филмови, да се зборува како Индијанец значело само неколку нешта.
Еден од стереотипните изрази е поздравот „Хауг!“ којшто го памтиме токму од нив и од стрипови, изговорен со длабок тон и со високо крената десна рака, кој им е припишуван на сите северно-американски Индијанци. Но тоа е всушност поздрав на Лакотите - други племиња не го користат или не го препознаваат како таков, а и тие не го изговарале баш на тaков драматичен начин.
Во книжевноста изразот го популаризирал кој друг ако не Карл Мај, кому му се бендисал бидејќи бил сличен на швајцарско-германското „Ха гшлосе“, кој се користи кога говорителот укажува на тоа дека завршил со зборување. Племето Лакота било модел за тоа како домородците биле претставувани во популарната култура во САД и Европа, бидејќи негови членови биле вклучени во шоу програми за Дивиот запад кои во Европа ги имале посетено над 10 милиони луѓе (види претходно: Кога Бафало Бил настапувал низ Европа). Имало и случаи кога припадници на други племиња се преправале дека се Лакота само за да бидат дел од екипите.
Но „хауг“ не е единствениот пример за јазичните стереотипи низ кои се прикажувале Индијанците. Во раните холивудски филмови и радио програми можел да се слушне автентичен домороден „пиџин“ (мешавина од домородните јазици и англискиот), но тој набргу бил заменет со нешто што се нарекувало „тонто“ јазик или „холивудски инџун-англиски“. „Тонто“ е име на Индијанец од радио програма со наслов „Лоун Рејнџер“ од 1933 и телевизиска адаптација од 1949. Тоа е практично фиктивен северно-американски „јазик“, составен од слушнати-недослушнати зборови и изрази, со какви всушност никој реално не се служел.
Главната карактеристика на овој говор е што користи само кратки, двосложни зборови, речениците не следат граматички правила, па говорителот звучи како дете или како лице со ментални проблеми. Ова е придружено со бавност, монотоност и сериозност кога се зборува, особено кога тоа го прави воин или повозрасно лице. Тоа е уште еден стереотип за стоичкиот црвенокожец, со камено лице, кој освен со отсечниот говор често се изразува и преку паузи и тишина, за акцентирање на веќе кажаното или создавање тензија. Сепак, сведоштва на некои од актерите за вестерни од 60-тите и 70-тите велат дека некои од домородните актери, и покрај тоа што изгледале токму така, на камера се зафркавале на нивните јазици, оговарајќи ги белите колеги или едноставно кажувајќи бесмислици.