„На која тема работиш за докторската?“, прашав студентка по антропологија од Романија која ја запознав во Крива Паланка. „На европската турнеја на Бафало Бил низ Балканот“, беше сосема неочекуваниот одговор.
Што би барал еден ловец на бафала во овие предели? Зошто прв пат слушам за ова?
А приказната, откако еднаш ќе се отвори, звучи крајно интересно, но и некако „логично“. Освен што уште како момче јавал како курир за Пони експрес, бил трапер, возач на локомотива, хотелски менаџер и војник (нешто од ова документирано, нешто не), Вилијам Фредерик Коди, како што му било вистинското име, бил и шоумен со сопствена патувачка трупа - Buffalo Bill's Wild West. Со неа изведувал претстави со мотиви од каубојскиот живот, и иако критичарите ја оцениле глумата на Коди како да е на „срамежливо учениче“, згодниот актер бил хит, а претставите биле бргу распродавани. Во групата едно време членувал и „Дивиот Бил“ Хикок, озлогласениот шпион, коцкар и убиец, кој помагал зад сцената, но никако не сакал да се појавува на неа. Бил исфрлен по неколку месеци затоа што сред претстава пукал во рефлекторот кога овој случајно го осветлил.
Дружината цели десет години одела на периодични турнеи, најпрвин во САД, но откако Бафало Бил воспоставил контакти со европски агенти, и на стариот континент. За оваа турнеја претставите биле збогатени со уште поегзотични ликови - Турци, гаучоси, Арапи, Монголци, Грузијци, јавање на коњи, пукање, ограбување возови и кочии. Изгледало дека шоуто ќе биде уште поголем успех во земјите каде каубојците и Индијанците и не биле секојдневие.
И токму така и испаднало. Трупата го поминала Атлантикот во 1887, кога Бафало Бил настапил во Велика Британија и тоа пред кралицата Викторија. По петмесечна турнеја низ Британија, шоуто се преселило низ остатокот на Европа. Во 1890 Коди во Италија се сретнал со папата Лео 13ти, а во истото време, во близина на Рим, неговата група предизвикала девет „бутери“, италијански еквивалент на каубои, во различни вештини (вртење ласо, пукање). Италијанците, водени од Аугусто Империјали, многу бргу го загубиле натпреварот, но Аугусто и покрај тоа станал локален херој, а во неговиот роден град Цистерна ди Латина денес има споменик посветен на овие настани.
До 1892 групата имала четири турнеи низ Европа која ги опфатила Франција, Белгија, Холандија, Шпанија, Германија (каде настапиле пред идниот цар Вилхелм Втори) и Австро-Унгарија, со повеќе од 300 настапи и повеќе од 2.5 милиони продадени билети. Следувале уште четири, од 1902 до 1906.
Во вториот период шоуто гостувало во Австрија, Унгарија, Украина, Чешка и Романија, а најблиску до нас во Србија. Менаџер на трупата на оваа втора турнеја му била Чарлс Елдриџ Грифин, кој по враќањето напишал книга „Четири години во Европа со Бафало Бил“ (воведот од неа тука).
Она што е интересно во целата оваа приказна е начинот на прикажување на „другите“ во соодветниот контекст. И покрај тоа што во сопствениот двор Американците се труделе да се прикажат како цивилизирани наспроти „дивјаците“ од Африка и од други „егзотични“ краишта, кои што ги прикажувале на саеми и на кабаретски претстави, кога станувало збор за профит не им пречело како „диви“ да се прикажуваат и себеси на поцивилизираната европска публика. Овој двоен аршин секако не му пречел на Бафало Бил Коди, кој на овој начин се здобил не само со големо богатство, туку и со зацементирано место во американската историја, која ете, на необичен начин има врска и со онаа на Балканот.
Илина, Букбокс