Текстовите во рубрикава понекогаш се инспирирани од патемни детали, содржани во прочитани книги или во филмови. Во случајов, станува збор за забелешка во последниот расказ на Рјуносуке Акутагава, авторот врз основа на чие дело, „Во честарот“, е направен „Рашомон“ на Куросава. Насловот на расказот е „Подвижни запчаници“, а објавен е постхумно, во 1927, по самоубиството на Акутагава, на 35 години.
Целиот расказ е автобиографски, и ги опишува психичките проблеми на авторот при крајот на неговиот живот, кога почнал да страда од визуелни халуцинации (запчаници што постојано се вртат) и анскиозност од помислата дека можеби ги наследил душевните растројства од мајка си.
Среде вознемирувачките слики на релативно спокојство кое неочекувано се прелева во панични напади и параноја, Акутагава се опишува како совршена копија на „младото момче од Шоу Линг“, главен лик во расказ од кинескиот автор Хан Феи. Тоа го напушта своето село за да го научи елегантниот начин на одење на градските господа од Хандан, но на крај со ползење се враќа дома, бидејќи не само што не научил да оди „господски“, туку во меѓувреме заборавил и како се оди како обичен човек. Аналогијата со животот на Акутагава е веројатно дека тој ја започнал кариерата со неверојатен „лет“ во книжевните кругови, но пред да биде подготвен за тоа, во смисла на стекнат имунитет кон евентуалните негативни критики, но и на некаква стабилност како автор и човек. Антологискиот расказ завршува со ужасното „Дали има некој доволно љубезен да ме задуши на спиење?“
Патемниот детал за кој станува збор е името на Хан Феи (роден 280-та п.н.е.), авторот на расказот за момчето кое не научило да стане господин. Кинески филозоф-легалист, тој низ ваквата проза всушност на метафоричен начин ги пласирал своите идеи, кои се споредливи со оние на Николо Макијавели многу векови подоцна, а кои според многумина биле дури и супериорни во однос на „Владетелот“.
Хан Феи ја опишува човечката природа како „мотивирана од интерес“, па оттаму препорачува такво управување со државата кое ќе го искористи овој факт во своја полза. Нешто како кога се дресираат животни, така и добриот владетел не смее да се потпира на доверба врз своите соработници, туку исклучиво на принципот на „Двете кваки“, односно на систематско наградување и казна. Така воспоставениот систем потоа бара минимум ангажман на владетелот околу деталите - само пасивна опсервација (ву-веи) и доследна примена на законот (фа).
Во делото „Хан Феизи“ тој посветува цело поглавје на темата „Како да ги сакаш своите министри“, убедувајќи го владетелот да биде бескомпромисен кон нив и да влева стравопочит. А што внесува најголем страв кај потчинетите? Правењето ништо (погорниот концепт на ву веи)! Квалитетите на државникот, неговата интелигенција или морална изврсност се ирелевантни. Тој не треба да биде некаков човечки идеал по кој ќе се моделираат младите, ниту пак да покажува лични чувства - од денешна перспектива слободно може да биде и интелигентна машина или бот. Единственото што се бара од него е да го почитува законот. И да не прави ништо што не му е работа.
Ова делумно го поврзува со таоизмот, испразноста од амбиција за лично истакнување, „гледање без да се биде виден, слушање без да се биде слушнат, знаење без да знаат за тебе“. Дел од овие совети ќе станат принцип на владеење познат за тоталитарните режими. „На секој политичар додели му цензор. Тие двајца не смеат да зборуваат еден со друг. Покривај траги и криј ги изворите на твоите информации. Не ја покажувај својата мудрост и воздржувај се од демонстрирање на твоите вештини. Така, твоите потчинети нема да ги знаат твоите ограничувања.“
Ваквото бирократско владеење врз спомнатиот принцип на награда и казна го поистоветува владетелот со тигар или леопард, кој ги заплашува другите животни со своите остри заби и канџи (токму наградите и казните). Без нив е како и секој друг човек - неговото постоење зависи од нив. Власта оттаму не смее да се делегира и дели, туку да биде концентрирана само во еден голем водач.
Кога делата на Хан Феи стигнале до рацете на кралот Јинг Зенг, тој изјавил дека ако се запознае со авторот може да умре без каење. Го поканил во својот дворец, но љубоморен ривал на филозофот го наклеветил дека всушност работи против кралот и државата, и тој бил уапсен. Во затвор напишал есеј во кој ги објаснил своите ставови, но до моментот кога владетелот имал можност да го прочита, „колегата“ на Хан Феи веќе го имал натерано да испие отров. Taка, тој доживеал слична судбина како и Сократ, кој ја испил кукутата век и половина претходно.