Бајли е дизајнер, основач на лондонскиот Музеј на дизајнот, кој во 1991 организираше изложба под наслов „Вкус", и потоа издаде и книга на истата тема. Но очигледно за него приказната за тоа дали за вкусовите (не) се расправа не е завршена. Всушност неговата нова книга „Грдо: естетиката на сè'" била иницирана од тоа што „дизајнери-давежи му кажувале дека нешто е убав дизајн, а она што го мислеле всушност било ова е мојот вкус".
Бајли верува дека голем дел од реториката на дизајнерскиот свет е базирана на „нестабилни и непроверени аргументи за убавината", па одлучил да ги рехабилитира маргинализираните но корисни идеи за вкусот и грдоста, и да артикулира сопствени ставови на оваа тема. „Под постојано турбулентите плими и осеки на вкусот, постојат принципи на уметноста и дизајнот кои се универзално пријатни. Сигурен сум дека Мондријан има нешто заедничко со Праксител", вели тој.
Ако, како што нè учи и социо-биологијата, класичните пропорции и симетријата се тие универзални принципи, тогаш грдоста би требало да се состои во нивната спротивност - валканоста, визуелната врева, хаотичноста, асиметричноста. Но „грдо" освен естетска, е и етичка категорија. Дали, се прашува авторот, авионот Б-52, кој во техничка и дизајнерска смисла е мајсторски направен, губи од неговата убавина затоа што е - бомбардер?
Има и луѓе кои уживаат да гледаат нешто зазорно, насилно и да, грдо, исто како што некој гледа убавина и ужива во глетка врз поле со нарциси. Во таа смисла неговата книга, за разлика од онаа на Умберто Еко „За грдоста“ која е повеќе историски преглед на концептот, е „про-грдост", таа се залага за малку зачин на неубавина во (дизајнерски) свет кој се стреми кон совршени и чисти форми, а кој е во суштина е досаден. Но колку точно грдост е доволно, за да не се премине некаква граница на добриот вкус, политичката коректност и убавите манири?
Бајли смета дека пазарот, особено во дизајнерска смисла, е презаситен со „убави" производи, и дека многу скоро луѓето ќе почнат да се интересираат за поинакви, грдички производи, кои во моментов се скриени под некој визуелен тепих, или заклучени во некој темен естетски подрум. Ако ништо друго, грдотијата повеќе се исплати, заради нејзиниот рок на траење - како што вели Серж Гензбур, „Грдоста е супериорна во однос на убавината, затоа што трае подолго".