Градот што мора да замолчи за да се сними звук на виолина

Жителите на Кремона во Италија деновиве се особено чувствителни на звуци. Во обезбедување тишина е ангажирана дури и полицијата. Сето тоа само за да се направат квалитетни снимки од Страдивариуси за идните поколенија.

Во Кремона се наоѓаат работилниците каде се изработуваат некои од најдобрите музички инструменти на светот. Тоа е и местото каде Антонио Страдивари во 17-18 век ги произвел најквалитетните виолини и виолончела кои некогаш биле направени. Сега градот почнува амбициозен проект за дигитално снимање на звуците на сочуваните оригинални инструменти од овој и уште неколкумина славни мајстори. А тоа значи дека целиот град треба да биде тивок.

Страдивариусовите виолини, виоли и чела во вистинските раце произведуваат звук кој претставува врв на звучното инженерство, а нивните уникатни тонови до сега никој не успеал да ги реплицира. Фаусто Качиатори, кураторот на Музејот на виолини во Кремона, кој помага во проектот, вели дека секој Страдивариус има „свој сопствен карактер“. Но со време нивните специфични звуци ќе почнат да се менуваат, со ризик и целосно да се загубат.

Оттаму и итноста на проектот, пред инструментите да стивнат. Тројца аудио инженери сега составуваат „Банка на Страдивариус звуци“, дата-база која ќе ги содржи сите можни тонови кои ги произведуваат четири одбрани инструменти од спомнатиот музеј. Тие подоцна, кога оригиналните инструменти ќе деградираат, можат софтверски да се искористат за нови снимки.

Во текот на јануари четворица музичари ќе свират на две виолини, на виола и на чело снимајќи стотици скали и арпеџа, и користејќи различни техники. Во аудиториумот на музејот се поставени 32 ултра-чувствителни микрофони за нивно снимање. И за сето ова да се случи биле потребни пет години убедување на музејот да дозволи да се користат 500 години старите жичани инструменти и обезбедување на потребната акустика.

Во 2017 изгледало дека проектот може да почне. Но тогаш инжењерите сфатиле дека направиле голем пропуст - улиците околу аудиториумот се од калдрма, и тоа за нив претставувало аудио хорор. Штикли, автомобили, сето тоа произведува вибрации кои одат под земја и се чувствуваат во микрофоните. Морало да се побара затворање на областа околу музејот, но и стишување на целиот град.

За среќа на инженерите градоначалникот на Кремона е и претседател на фондацијата Страдивариус, општинско тело кое е сопственик на Музејот на виолините. Тој не само што ја затворил улицата, туку одржал и прес конференција на која ги повикал жителите да се воздржат од правење „ненеопходни“ звуци.

На 7 јануари полицијата го обиколила просторот. Вентилацијата во салата и лифтовите биле исклучени. Секоја сијалица била извадена за да не се слуша „бззз“. Со плишани ракавици од футролата е извадена виола од 17 век и со придружба пренесена на сцената, каде е предадена во рацете на искусен виолист од Холандија. Снимањето почнува од Ц-дур, но при преслушувањето се заклучува дека тоа мора да се повтори. Некому, баш во тој момент, му паднала чаша во блиската кафана. Присутните гости се скамениле, а наскоро е испратена полиција за да обезбеди дека истото нема да се повтори.

19 јануари 2019 - 11:19