Mузеј ќе се самопрогласи за тоалет за во него да можат да влезат само жени

Поставка дозволува влез исклучиво на жени, пандан на простори каде имаат пристап само мажи, со намера на овој начин да укаже на мизогинијата и патријархатот. Еден посетител кому не му е дозволен пристап до изложбата тужи дека му е загрозено правото на добра и услуги врз основа на неговиот (машки) пол. Судот пресудува во негова корист. Авторката на изложбата наоѓа дупка во законот.

Приказната е следна: Музејот на стара и нова уметност (MONA) од Хабарт, Тасманија, во 2020 отвара изложба под наслов „Салон за дами“ (Ladies Lounge) која смеат да ја посетат само жени. За да ја истражи мизогинијата и патријархатот, таа го користи концептот на старовремски австралиски паб, стереотипно шовинистичка околина од која жените биле исклучени до 1960-тите, превртувајќи го на глава. Сега тука смеат да престојуваат само жени, на кои им сервираат шампањ симпатични и понизни машки келнери - единствените мажи на кои им е дозволено да бидат тука. Сценографијата е дополнета со зелени свилени завеси, венецијански лустери, елегантни троседи во фалусоидна форма, пригушено светло и дела од Пикасо и австралиската уметница Сидни Нолан.

Но пред една година Џејсон Лау, кому не му било дозволено да ја посети поставката, се пожалил на родова дискриминација. Поднел тужба и судот во Тасманија неодамна пресудил во негова корист. Аргументот на Лау бил дека музејот ги прекршил антидискриминаторните закони со тоа што не обезбедил „правична достапност до добра и услуги во согласност со законот“. 

Музејот од своја страна тврди дека чувството на исклученост и дискриминација всушност и била клучно за инсталацијата и дека во тој контекст целата работа е легитимна. Но судот не мисли така и наредува музејот да почне да пушта мажи. 

Сега, Кирша Каечел, креаторката на салонот, наоѓа начин како да ја „хакне“ одлуката, трансформирајќи дел од просторијата во женски тоалет, а дел во црква. Ова го прави затоа што според важечките австралиски закони, одредена личност може да биде дискриминирана врз основа на родот во религиска смисла - ако тоа се бара од доктрините на верската институција, како и во контекст на употреба на простории за кои „разумно се очекува“ да ги користат лица од само еден пол (значи, ВЦ-иња). На овој начин и законски мажите нема да имаат пристап до салонот, освен во неделите, кога тие ќе можат да влезат но под услов таму да учат да пеглаат и да постилаат веш.

Каешел вели дека во оваа смисла тужбата на г-дин Лау всушност излегла многу корисна и отворила фасцинантни нови можности. Доколку ова не профункционира, таа има намера да оди до Врховен суд. 

извор

7 мај 2024 - 16:58