427-те куфери пронајдени на таванот на затворена психијатриска болница

Во 1995 била затворена психијатриска болница за „хронично ментално болни“ во Њујорк. Подоцна на таванот на зградата биле пронајдени над 400 куфери кои им припаѓале на некогашните пациенти. Во една имало војничка униформа од Втората светска војна, во друга библиотечна потврда за позајмица на книга од Фројд од 1929. И ова е само дел од предметите кои раскажуваат приказни за нивните сопственици. 

Во февруари 1995, њујоршкиот гувернер Џорџ Патаки најавил планови да се затвори институција чие официјално име, буквално преведено, било „Вилард азил за луди“ - државна институција која била отворена во 1869 на источниот брег на езерото Сенека. Сепак, пред официјалното затворање било потребно да се документираат и сочуваат бројните артефакти, меѓу кои и медицинска опрема од 19 век.

Оваа задача му била доделена на Крег Вилијамс, тогаш куратор во Њујоршкиот државен музеј. Еден ден, долгогодишна службеничка во Вилард му рекла дека има нешто да му покаже. Го однела во разрушен дел од зградата каде некогаш имало медицински лаборатории и соби за терапија. Заедно искачиле неколку скалила кон таванот и отвориле врата кон просторија полна со измет од гулаби и грубо изработени дрвени полици. На нив стоеле стотици стари куфери, секој со рачно испишана етикета со името на пациентот и датумот на прифат во институцијата. Вилијамс се обратил до своите надредени прашувајќи што да прави со нив. Тие му рекле да сочува мал дел, само 10 куфери, а да го уништи остатокот. Но нему не му давало срце да постапи на овој начин. Решил да ги сочува сите. 

Набргу, со помош на волонтери и поранешни функционери во областа на здравството, тој составил изложба која била отворена во 2004 во Њујоршкиот државен музеј, под наслов „Загубени куфери, откриени животи“. Поставката содржела приказни на сопствениците на овие предмети кои подоцна се објавени во книга, „Животите кои ги оставиле зад себе“. 

Во 2011 проектот продолжил со фотографирање на сите куфери, односно нивните содржини. Некои од торбите содржеле адресирани коверти, банкарски изводи изводи и други документи со лични податоци кои биле фотошопирани за да биде заштитена приватноста на пациентите. Така се архивирани сите 427 куфери, нешто што фотографот Џон Криспин го правел цели шест години.  

Помеѓу другите, тука е куферот на Френк К., американски воен ветеран, кој бил примен на Вилард во 1946, на возраст од 35 години, после само еден единствен агресивен напад во ресторан во Бруклин, кога бил хоспитализиран и дијагностициран со параноидна шизофренија. Во него има воена униформа и студиски портрет на убав црн маж кој ја носи истата, како и тетратки во кои се водело сметка за добиените воени следувања храна. 

Друг куфер, на извесен Родиго Л., е преполн со книги: „Последните денови на Помпеја“, „Дон Кихот“, собрани дела на Едгар Алан По. Ракопис чиј автор е пациентот, под наслов „Деновите на студентите“. Цвеќиња, листови и вилини коњчиња притиснати помеѓу листовите на некои од книгите. 

Куферот на Медлин К. е огромен и кога ќе се отвори е практично како ормар, со фиоки и држач за закачалки. Внатре има библиотечна потврда од 1929 за позајмена книга од Сигмунд Фројд, како и „Принципи на психологијата“ од Вилијам Џејмс. Адресар исполнет со шпицаст ракопис. Фотографии од Медлин, елегантно облечена, направени во Њујорк, Канада и Европа. Слика на која носи крзно пред некоја огромна вила, со големо куче крај колената. Голем број од сликите со ознаки на француски јазик.

Куферот на Бенџамин М. има само една единствена чепкалка за заби. 

Сите овие предмети нè вовлекуваат во замислување на животите на овие луѓе и на околностите во коишто се нашле во психијатриската болница. На тој начин се развива емпатија, термин кој бил естетички пред да стане психолошки. Германскиот збор Einfühlung некогаш опишувал чувство на емоционална резонанца со уметничко дело, негово познавање одвнатре. Во раниот 20 век, психијатрите од англиското говорно подрачје го превеле зборот во „емпатија“, проширувајќи му го значењето, така за тоа да вклучи чувство за искуствата на другите. Психолозите долго време верувале дека ова е вродена, фиксирана одлика. Но неодамнешни истражувања сугерираат дека тоа е компетенција која може да биде засилена или заслабена преку искуство или обука. Соочувањето со ваквите приказни на луѓе од не така дамнешното минато и предметите кои ним им припаѓале би можело да биде еден од начините барем за миг да се приближиме до нив.

извор

29 април 2024 - 20:02