Веројатно знаете за дискусијата која се одвиваше деновиве помеѓу нашиот Лешоски и остатокот од светот, чија главна тема беше една украдена јакна. Како и секогаш, и сега можевте да се приклучите на дневниот тренд, бранејќи го своето демократско право на мислење до последниот клик. Или можевте аристократски да одмавнете со маусот, и да продолжите со читањето на најновата колумна на Жижек, оставајќи ги сељаците да се заколат меѓу себе. А можевте и да се фатите за работа, и вжештената атмосфера да ја искористите - колку парадоксално - за да ширите општа култура. Секако, доколку ја имате.
Годината е 1714, Фејсбук уште не постои, ама поетот со име кое необично потсетува на еден негов современик, Александар Поп, решава да го стори токму тоа: во неговото, исто толку турбулентно и општествено ангажирано милје, низ поетски дискурс да опише сличен инцидент. Единствената разлика е што во неговиот случај не се работи за кожна јакна, туку за грабнување на струкирано џакетче, карактеристично за модата на 18. век. Песната која ја обработува темава пред неколку дена ја актуелизира Огнен Чемерски, во негов фејсбук пост. Ја пренесуваме интегрално, сосе неговите „преведувачки“ коментари. Му честитаме што успеал да го долови духот на настанот, кој изгледа како навистина да се случил токму тука, и токму сега.
Ако по читањето на песната нешто не ви е јасно, кликнете тука.
***
По повод некои многу важни случувања и дебати што деновиве ги потресоа темелите на нашево општество, а во кои некои луѓе сесрдно напаѓаат извесни поети, а други уште поревносно ги бранат, решив да ја преведам не многу познатата поема од Александар Поп (да не се помеша со неговиот современик Александар Поуп) од 18. век и со тоа да нагласам дека ваквите немили настани се безвременски и се подеднакво сериозни денес како што биле и во 18. век.
ГРАБНАТОТО ЏАКЕТЧЕ
(The Rape of the Coat, A.D. 1714)
Александар ПопЗа злото што двајца ги снашло во градиште многу грдо,
За навредата лута што на едниот му ја стокмиле срдо,
За плачот што после се крена и многугласни јадови скорна,
Музо ле, дај ми нота, зашт' силна ме болка в градиве шпорна,
Та срце ми копне да в слово ја опеам приказната жална
Што телали ја разгласија прво, а после си самата тална.
Нејсе, еве, звукот го слушам, херојски татни,
Но ако сронам и некоја солза, ако очи ми станат матни,
Да не замерите многу, оти скрбно се моево срце кине
А од скрб до утеха требало многу време да мине.
Јунакот, значи, ко сега го гледам, ни е преселница-птица,
Под Бела ди Супра најдаровито грло и перо остро ко спица,
Даркашијан тому било ко Ноев брег древно презиме,
А добри родители Свиленс му ставиле нежничко име.
Од република силна, ни долу, ни баш горе, бил родум,
Венеција мала, од морето скраја, но баш кај игнациски друм.
Откога с' изнаскитал и нимфи изнапознал кај тамошните води,
На велја сторенија наумен пошол благородно да оди,
Со стих да г' окрепи и с' некоја песна ваму суетниов град,
Да му потпркне крчми и да ги озари с' духот свој млад.
В кошула копрена стокмен и с' копци од прелепи свили,
Клал он и џакетче што јунак го личи и пантоли многу мили.
Другар му верен оддесно одел и с' поглед душмани косел,
Витезина добра од родните страни што лилјак на штитот си носел.
То' другари вистина биле роднокрајни и с' десници силни
Што знаеле и чаши да удрат та да надигнат бранови вилни.
На трпеза то' јастје и питје било, рибји ајвар, од пиле млеко,
Сланина мрсна, сто оки вино, биено тврдо и сиренце меко,
За сликање глетка, ако комитска кажам, нема да лажам.
Вака се еднаш збило кога на конак ил' јадење некаде пошле,
Та многуљуден свет се сјатил да види и сила незнајни дошле.
Тогаш лукав ги некој видел онаму тешки од вино
Та љубоморно пришол кај нив под виделцето сино
И божем почнал ко' премудра беседа таму да води,
А само чекал да око им клепне за мигот он да го згоди.
Така и било, та извадил он од уста џвакана гадост
И ја залепил на милите пантоли од добриот гост!
О, немила глетко! Скверно ја подал злобната рака,
Притворникот зад грб ја свиткал, а божем уште си џвака!
Свиленсон така бил незгодно начнат под лепото бедро,
Небаре седнал на валкана клупа под небото ведро.
Но не му било онему доста, толку му знаела душата проста.
Зел сега на другарон верен десницата да му ја пази,
Зашто го познал он дека веќе несигурно гази,
Та го допрел по дланката нежно ко некоја жена,
А овему телото јако му стрептело ко да е мрена.
Од прстето тогаш подлецот прстенче му симнал,
И рекол дека си оди, па лицемерно с' глава им кимнал.
Но, ах! Имало в долноно срце место за подлости уште!
Минејќи крај довратникот што веднаш бил онаму до нив,
Го догледал он со поглед гаден, уроклив и див
На песнопојни Свиленсон џакетчето свидно,
Та со злорадосна пакост го грабнал од местоно ѕидно.
Утрина дошла, негде кај пладне, и јунакот дознал
Што беда го снашла, лепенка на милите пантоли познал.
Мозок му здрмала престрашна мисла што и онолкав вресок крати!
Попусто џакетчето го барал, морал в крчма да се врати!
На сокак го другарот сретнал што на истиот се надевал лек,
Он останал без прстенот од раката што му била боздоган прек
Пред ноќеска да малакса малку од тешкиот венец во онаа чаша.
Немале среќа и нашиот јунак с' упатил дома со поглед лев,
А таму прекасал усни и напишал книга на кожа од овчи мев,
В послание луто си истурил бес, што да и мртвана овца рика,
Та испратил телал да низ клетиот град пизмата му ја вика.
Тога' се нашле умодавци разни што зеле многу да го кудат,
А дошле и умодавци силни да го бранат од тие што го судат.
И собрани така в градон што уште ко село имал гумно
Зеле сите да се спорат, в нос да си смрдат чумно,
И за малку ќе бувнела баш најграѓанска војна,
Но се случило нешто друго, некоја гмхкккѕ....[За жал, тука поемата се прекинува и останала недовршена. Постојат неколку теории. Но, најверодостојна се чини онаа на проф. д-р Љубомир Спасибессознански, кој, врз основа на долгогодишни истражувања и од записи за кажувањата на упатените сограѓани на Александар Поп, претпоставува дека музата на Поп, талкајќи околу неговата куќа, нагазила на сугреб (место кај што гребело куче) и останала јалова, та веќе не можела да го вдахнува Попа. Избувнала расправија околу лекот против урок од сугреб и Поп инсистирал да ја однесе кај извесна бајачка, на што музата се противела и барала да појде кај својот бајач. Расправијата скршнала и се осврнала на самата песна, при што музата изнела одредени забелешки, а кога Поп повторно се обидел и почнал да го пишува последниот (недовршениот) стих, повреден од некои неблагосклони коментари на музата, в напад на бес ѝ одвратил нешто многу грубо, по што добил цепаница в глава. Никогаш не се обидел да ја доврши, ниту да ја поправа, а творбата се смета за едно од неговите поинфериорни дела.]
Огнен Чемерски