Горењето стрипови од 1940-тите

Во периодот на кулминација на анти-стриповската хистерија, младински групи, цркви и училишта во САД организирале цели клади од стрипови, меѓу кои имало и такви кои кои ама по ништо не требало да бидат спорни. Пожарите згаснале со подемот на телевизијата, кога стриповите веќе не биле опасни.

160 момчиња и девојчиња на Меморијалниот стадион во местото Корпус Кристи во Тексас со нетрпение очекуваат некој да го запали огнот. Датумот е 27 февруари 1948, а децата се собрани околу куп стрипови - суперхеројски авантури, крими приказни и хорор наслови. Стриповите се собрани благодарение на лукав потег на организаторите: донеси три копии и добиј бесплатен влез во блиското кино. 

Ваква сцена се повторувала во мали и големи градови низ земјата. Верски лидери, родителски групи, младински здруженија, сите биле загрижени поради растечкото влијание на стриповите и одржувале ритуални палења на публикации како „Криминалот не се исплати“ или „Приказни од гробницата“. Спекталот требало да поттикне поддршка за укинување на илустрираните приказни кои наводно ги корумпирале младите умови. 

По завршувањето на филмот чукнал часот. Градоначалникот пристапил на купот и го запалил. Додека хартијата се виткала и полека исчезнувала, децата „весело извикувале“ - стриповите станале јавен непријател број еден.

Точно е дека милиони американски деца си го минувале слободното време со стрипови, речиси исто онака како што тоа денес го прават со мобилните. Подемот започнал со „Супермен“ во 1938, по што следела парада на суперхерои. До крајот на Втората светска војна, стриповите се продавале по десетина милиони копии месечно. Издавачите како Нешнл комикс пабликејшнс (претходник на Ди-си комикс), „Тајмли“ (идниот Марвел) и И-си, сите профитирале од ваквата популарност на медиумот. 

Но некои од возрасните сметале дека ваквите сензационални и насилни книги би можеле да ја расипат младината. Медиумите барале поврзаност помеѓу читањето стрипови и деликвенција. Дури и Бетмен и Супермен биле критикувани што го земаат законот во свои раце. 

И не само медиумите - и некои доктори и професори инсистирале на врската помеѓу стриповите и деликвенцијата. Таков бил доктор Фредерик Вербам. Роден во Германија, тој со години лечел млади пациенти во психијатриска болница во Харлем. Во негово интервју од 1948 тој инсистирал дека стриповите влијаат врз зголемената сексуалност и оттаму предизвикуваат социјални проблеми. Веројатно негово  најпознато тврдење било дека Бетмен и Робин го претставувале геј идеалот или „сон-желба на двајца хомосексуалци кои живеат заедно“.

На „егзорцизмот“ му се придружил дури и американскиот Сенат, кој во 1954 дискутирал за опасноста која демне во криминалистичките и хорор стрипови. Работата отишла до таму што самите издавачи решиле да се цензурираат, наместо тоа во нивно име да го прават властите. Акцентот почнал да се става на љубовните и суперхеројските стрипови. Но во тоа време потребата од горење стрипови веќе згаснала - телевизијата и онака ја намалила нивната популарност.

извор

12 јуни 2024 - 21:44