Некои од најинтересните нешта онлајн се случуваат на платформата Тамблер, од каде потоа се прелеваат во екосистемите на Твитер, ТикТок и Редит. Помеѓу урбаните легенди креирани за забава или за да се тестира некритичноста кон лажни вести на генералното интернет граѓанство е и информацијата дека во кинематографијата на Скорсезе постои филм, ни помалку ни повеќе негово ремек дело, под име „Гончаров“ во кој свои исто така антологиски изведби имаат регуларните „мафиози“ Роберт Де Ниро, Ал Пачино и Харви Кајтел. Секако сето тоа придружено со одличен саунтрак и уште подобри заплети во споредба со „Гуд фелас“ и „Дипартед“.
Сè почнало кога пред неколку години корисник на Тамблер под прекар zootycoon постирал слика на чизми купени онлајн со натпис „Најдобриот мафијашки филм на сите времиња“ и насловот на филмот - како да биле дел од опремата на екипата што го снимала филмот. „Ги купив чизмиве и наместо името на брендот на етикетата има име на очигледно непостоечки филм на Скорсезе? Ш'о е работата“ - гласи текстот. Од тогаш постот е избришан, но некој неодамна го ре-постирал со текст: „Идиотов никогаш не го гледал Гончаров“. Така, мемето е родено.
Корисниците на Тамблер многу бргу заеднички креирале приказна, биографии на ликовите, форум за дискусија и постери за, за жал, заборавениот филм. Во чест на скорешната 50-годишнина од неговата премиера, тие дури и организирале прослава на деветчасовна „екстендед кат“ верзија која никогаш претходно не била објавена.
А синопсисот на филмот би требало да е следниот: по падот на ССССР, извесен Ло Страниеро, познат како Гончаров (игран од Роберт де Ниро) се населува во Италија, поточно во Неапол. Со својата жена Катја (Сибил Шепард) и пријателот и истовремен ривал Андреј (Кајтел), тој се обидува да се наметне помеѓу членовите на италијанската мафија, одржувајќи се во живот. Во некои верзии се појавува и лик на „Ајс пик Џо“, шпион со прекривка на окото, кој избегал од психијатриска болница пред да му направат лоботомија и се вратил во редовите на организираниот криминал. Добро, малку е нелогично филм за падот на СССР да бил направен во 1973, но можеби просто некој бил визионер.
Во бранот креативни л'жги поврзани со филмот се појавиле и „стручни лица“ со академски есеи-анализи на филмот, објавени во (лажни) филмски списанија. Наставничка по музичко од Индијана ја создала носечката композиција, а на Спотифај постои и целиот саундтрак. Претставник на платформата за рецензии на филмови Летербоксд изјавил за Њујорк Тајмс дека морале да отстранат бројни осврти за филмот објавени од корисниците. И тоа е не е сè. Користејќи сцени од други филмови направени се трејлери, гифови и „фанарт“ кои меѓу другото вклучуваат сцени со прилично очигледна сексуална тензија помеѓу ликот на Гончаров и оној на Андреј.
И прашањето после сето ова е - чуму? Исто како и со „Рататуи: мјузиклот“ - лажен мјузикл заснован на филм кој додуша реално постои, создаден откако луѓе почнале да се надоврзуваат на една единствена песна на оваа тема постирана на ТикТок, или фамата за наводната близначка на Деми Ловато (Пут Ловато, а всушност само лоша фотографија на пејачката), луѓето изгледа навистина сакаат да се здружуваат во преправањето дека нешто што е лажно е вистина. За ова сведочиме секој ден преку лажните вести, но многу е пошармантно кога нема зијан од лагата туку сè се прави само за забава и за да се тестираат границите на креативноста. На овој начин луѓе со слични сензибилитети се спојуваат во мали, а во случајов богами и поголеми заедници (тагот #goncharov во моментов има над 7 милиони прегледи, а терминот минатиот понеделник, 21.11 беше број 1 на Тамблер).
Најдобра е реакцијата на самиот Скорсезе. Кога неговата ќерка Франческа му постирала нешто околу темата со прашање „Го виде ли ова?“, тој одговорил - „Да, го направив тој филм пред многу години“.