Во декември 2016 Пати Смит се качи на сцена пред кралот и кралицата на Шведска и куп здросани високи гости, и во придружба на Стокхолмската кралска филхармонија почна да ја пее A Hard Rain's A-Gonna Fall на Дилан, во чест на неговото добивање на Нобеловата за книжевност. Во видеото (кое го објавивме тука), таа во втората минута се зад’ткува, се извинува за тремата и деконцентрираноста, и потоа храбро продолжува со не така лесниот текст. Подоцна во Њујоркер таа напиша: „Имав на ум да ја испеам песната точно онака како што е напишана и онолку добро колку што сум способна. Купив ново сако, ја средив косата и мислев дека сум подготвена.“ Сепак ненавикната на ваква публика, таа не можела да продолжи. „Не ги имав заборавено зборовите кои беа дел од мене. Едноставно не можев да ги извадам од себе.“
Овој момент го нема во новата автобиографија на Смит, „Година на мајмунот“, но е добра назнака за внатрешниот живот на еден изведувач, и за тоа како таа успева да извади убавина од нешто што изгледа како катастрофа. Почнувајќи со 31 декември 2016 и завршувајќи неколку дена откако Трамп е инаугуриран следниот јануари, книгата е опишана како „трогателен опис на емоционалните турбуленции, физичките и интелектуални талкања, и големи губитоци кои Смит ги искусила во својата 70-та година“.
Губитоците се однесуваат на куп пријатели на нејзина возраст и постари кои почнале едноставно да исчезнуваат еден по еден. Истовремено нацијата доживувала „хипер-реалност на поларизирачки предизборни кошкања, лавина од отровност“. Таа почнува да страда од постојана несоница, и да ја фаќаат стравови кои до тогаш ги немала. Почнува да плаче кога гледа сцени на телевизија, дури и на љубовни филмчиња, и чувствува дека времето забрзува без да може да го контролира. Сепак, единствено што и останува е да продолжи со тоа што и до тогаш го правела - „да бидам жива, на најдобриот начин што го знам“.
Посебно место во книгата имаат двајца значајни мажи во животот на Пат - продуцентот и критичар Сенди Перлман и актерот Сем Шепард. Обајцата во овој период умирале, првиот од мозочен удар, вториот од болеста Лу Гериг. Перлман веќе не може да комуницира, но Смит работи со Шепард кај него дома во Кентаки за да го уредат неговото последно дело - романот „Оној внатре“.
Ова е хроника на еден тежок период во животот на една од ретките се уште живи легенди на рокенролот. Која знае дека пишувањето за тоа е вид терапија, и мотив да се продолжи понатаму во дијалог со себеси, и со оние кои сакаат да слушаат.