Еве го неговиот говор кој го прочита амбасадорката на САД во Шведска, Азита Раџи, вчера, 10.12, интегрално:
Добро вечер на сите. Ги испраќам моите најтопли поздрави до членовите на Шведската академија и до сите почитувани гости кои се таму вечерва.
Жал ми е што не можам лично да присуствувам, но би сакал да знаете дека дефинитивно сум со вас со духот, и сум почестен што добивам толку престижна награда. Да ми се додели Нобеловата за книжевност е нешто што никогаш не го сонував или предвидував. Од рана возраст ги читав и ги апсорбирав делата на оние достојни за ваквото признание: Киплинг, Шо, Томас Ман, Перл Бак, Алберт Ками, Хемингвеј. Овие џинови на литературата чии дела се подучуваат во училиштата, се чуваат во библиотеки низ светот и се изговараат со свечени тонови, секогаш имаа длабоко влијание врз мене. Тоа што сега им се придружувам навистина не се опишува со зборови.
Не знам дали овие мажи и жени некогаш помислувале дека ќе ја добијат наградата, но претпоставувам дека секој кој пишува книга, или песна, или драма, каде и да е во светот веројатно во себе има таков таен сон. Тој е веројатно толку длабоко закопан што луѓето не ни знаат дека е таму.
Ако некој ми речеше дека имам и најмала шанса да ја добијам Нобеловата, ќе помислев дека еднакви шанси имам и да стапнам на Месечината. Всушност, во текот на годината кога сум роден и неколку години подоцна, немаше човек во светот кој се сметаше за доволно заслужен да ја добие оваа награда. Така, сфаќам дека во најмала рака сум во многу посебно друштво.
Бев на пат кога ја добив изненадувачката вест, и ми требаа неколку минути пред да ја процесирам. Почнав да мислам на Вилијам Шекспир, големата книжевна фигура. Веројатно тој се сметал себеси за драматург. Мислата дека пишувал книжевност можеби не минала низ неговата глава. Неговите зборови биле пишувани за сцената. Биле наменети за говорење, не за читање. Кога го пишувал Хамлет сигурен сум дека мислел на различни нешта: „Кој е вистинскиот актер за овие улоги?“, „Како треба ова да биде поставено?“, „Дали навистина сакам да го сместам ова во Данска?“. Неговите креативни визии и амбиции без сомнеж му биле приоритет, но имало и многу попрактични нешта со кои требало да се излезе на крај. „Дали финансиите се доволни?“.„Дали има доволно добри седишта за моите мецени?“. „Каде ќе најдам човечки череп?“.
Се обложувам дека последното нешто што му паѓало на памет било - „Дали е ова книжевност?“.
Кога почнав да пишувам песни како тинејџер, па дури и кога почнав да станувам познат заради моите способности, моите аспирации беа многу мали. Мислев дека можеби ќе бидат слушани во кафеа или во барови, можеби подоцна на места како Карнеги Хол, лондонскиот Паладиум. Ако навистина сонував, можеби можев да замислам дека ќе снимам плоча и ќе ги слушам моите песни на радио. За мене тоа беше голема награда. Да правиш плочи и да ги слушаш твоите песни на радио значеше дека си допрел до голема публика и дека можеби ќе продолжиш да се занимаваш со она што го сакаш.
Па, веќе долго време го правам она што имав намера да го правам. Имам снимено десетици плочи и свирено илјадници концерти низ светот. Но токму моите песни се центарот на сè што правам. Тие изгледа го имаат најдено местото во животите на голем број луѓе во различни култури, и јас сум благодарен за тоа.
Но има нешто што морам да го кажам. Како изведувач сум свирел за 50,000 луѓе, и сум свирел за 50 луѓе, и можам да ви кажам дека е потешко да свирите за 50 луѓе. 50,000 луѓе имаат единствена личност, но не е така со 50. Секој човек има индивидуален, посебен идентитет, свет за себе. Тие можат да ги примат нештата појасно. Твојата чесност и како таа се поврзува со длабочината на твојот талент е ставена на проба. Фактот дека Нобеловиот комитет е толку мал ми зборува за ова.
Но, како и Шекспир, и јас сум често преокупиран со остварување на моите креативни цели и со излегување на крај со сите аспекти на световните работи. „Кои се најдобрите музичари за овие песни?“. „Дали снимам во вистинското студио?“. „Дали песнава е во точниот тоналитет?“. Некои нешта не се менуваат, дури ни за 400 години.
Никогаш не стигнав да се запрашам: „Дали моите песни се литература?“
Оттаму, ѝ се заблагодарувам на Шведската академија, за тоа што одвоила време да размислува за ова прашање, и за тоа што на крај дала таков прекрасен одговор.
Моите најдобри желби до сите,
Пати Смит на доделувањето се обидува да ја испее A Hard Rain's A-Gonna Fall, во втората минута се з’дткува и им се извинува на Нобеловците. Од втора и’ успева