Прв аргумент во корист на тезава: дали е случајно што филм со „утопија“ во насловот се појавува на 500-годишнината од објавувањето на класичното дело на Томас Мор (за кое на времето пишувавме тука)? Ако може приказната за замислената земја-концепт, идеална заедница на граѓани со точно утврдени позиции во социјалната хиерархија, во која никој не е гладен или сиромашен, пред пет века да биде сатиричен роман, зошто денес не би можел да биде и - цртан филм?
Зутопија, класична басна со оглед на тоа што сите ликови се животни, се одвива во град кој претставува дотогаш невиден социјален експеримент - во него, рамо до рамо и вилица до вилица, живеат предаторите и нивниот плен. Главен лик е Џуди Хопс, слатко зајаче на кое заради неговото типично зајачко потекло (неговите баба, дедо, мајка, татко и 215-те браќа и сестри се занимаваат само со одгледување моркови) му е кажано дека никогаш не може да биде полицаец. „Чувари на редот“ имено можат да бидат само предатори и големи тревопасни животни (a градоначалникот е - лав).
Но таа одлучува да оди контра општествените очекувања и се сојузува со Ник Вајлд, лисец-измамник, за да разреши случај на голем број исчезнати животни од градот, кои заради непозната причина се вратиле во нивната „дива“ состојба и почнале да ги напаѓаат оние со кои дотогаш живееле во соживот . „Но тоа е во нивната биологија“, вели Бани на прес конференција, сакајќи да ги оправда. И тоа е моментот кога и возрасен (а и дете) може во најмала рака да се збуни, а богами и да ги поништи сите инаку благородни поенти во филмот (соживот, толеранција) и да почне на нив да гледа како на утописки.
Затоа што кога ќе кажеш „биологија“ тоа и за нетренирано уво звучи како крај на приказната, и тоа таков кој не е среќен. Што ли значи тоа на човечки план (а нели басните се само такви, метафорични приказни за човечкиот свет?), дека ако си роден со една биолошка судбина, истата веднаш ти станува и социјална? Па нели филмов беше контра таквите стереотипи, фиксирани идентитети, нели во Зутопија секој може да стане она што посакува, и зајакот полицаец, и лисицата чесна? Нели дискриминацијата беше лоша, па дури и мрзливец (или ТОКМУ мрзливец) може да работи во државна администрација? Ваквите „подтекст на подтекст“ моменти се толку чести во филмот, што на човек му треба нотес и пенкало за да ги забележи сите во својата ироничност повеќеслојни пораки.
Но Дизни е Дизни, лисецот е иста фаца ко некогашниот Робин Худ, Шакира во ликот на Газелата е (пак) згодна, сцената во која главниот на мафијата Г-дин Биг е прцулест стаорец („ровчица“ да ти се викал) со марлон-брандовски манири е едноставно ГЕНИЈАЛНА, а таква е и онаа во која од шалтерскиот мрзливец се бара да издаде некаков документ. Ако сте веќе возрасен па не можете да го гледате филмот со концептуално чист ум, или не ве интересираат сите „утописки“ теми, доволно е да ги погледнете и само овие две сцени.
А децата...Моето реагираше гласно само на една во која овца во лабораторија од сино цвеќе ги прави „отровните“ топчиња кои ги подивуваат животните. „Еј, Хајзенберг!“, ја препозна референцата на Брејкинг бед.
Не си ги потценувајте, исто како и филмовите кои (не се) за нив.
„Кум“ референцата во филмот:
Мрзливецот: