„Варсити блуз“: скандалот со местенките за запишување на американските факултети

Во 2019 избувна скандал поврзан со местени примања на престижни американски факултети на деца на пребогати родители, кои инаку не би можеле да се запишат на нив. Нов документарец на Нетфликс ја раскажува приказната.

Документарецот „Варсити блуз“ е малку поинаков од оние на кои сме навикнале, а вообичаено се состојат од изјави на учесниците во опишаните настани и по некоја симулација, колку за преод од едно во друго интервју. Режисерот Крис Смит ги користи следените и снимени телефонски разговори од страна на ФБИ, и ги претвора во дијалози односно во сценарио. Така документарецот по малку личи на игран филм правен според вистински настани, со актери кои ги глумат главните ликови, и по некоја документарна снимка и интервју со такви кои се реални.

Метју Модин го игра Рик Сингер, главниот организатор на шемата за примање на факултет на кандидати низ „споредна врата“, што вклучува лажирање на резултати од тестови, на расната припадност (поради посебните квоти) и, особено, фалсификување на спортските досиеа на кандидатите. Средношколци кои никогаш не се занимавале со каков и да е спорт одеднаш стануваат дел од едриличарска екипа, шампиони во коњички спортови или тркачи, се фотошопираат нивни глави на тела на ватерполисти, а одговорните за овие квоти на факултетите се подмитени за да учествуваат во измамите. Притоа никој не забележува дека иден студент наведен како кошаркар е висок метар и педесет или дека позната блогерка-инфлуенсерка која никогаш во своите постови не пишува за тоа дека тренира каков и да е спорт, одеднаш е примена поради бодови добиени како „врвен веслач“.

Иако Сингер е оној кој е речиси постојано во кадарот, и или зборува на телефон, или џогира (бил некогашен кошаркарски тренер), филмот не е правен за да биде само за еден човек. Неговата амбиција е многу поголема - да ја прикаже трулоста на системот, во кој вакви луѓе, во спрега со преамбициозните родители и со по некој инсајдер во образовните институции, успеваат да ги прескокнат стандардните процедури, кои додуша понекогаш и не се толку „стандардни“.

„Споредната“ врата се отвара и со донации кон факултетите, но не со шест туку со најмалку седум цифри. Цените на Сингер се далеку поразумни, понекогаш под милионче, што е ситница за луѓе со развиени бизниси, познати адвокати, актери или модни креатори. Ниту еден од нив не е реално интервјуиран во филмот, но ги слушаме дијалозите помеѓу нив и Сингер. Притоа станува јасно дека тие не само што се свесни за тежината на своите постапки, туку често се на граница да се откажат, под бремето на совеста и стравот од скандал. Но бремето на потребата по секоја цена нивните деца да се запишат на престижен универзитет е подеднакво големо, а за голем дел од нив и пресудно.

Разоткривањето на целата шема настапува сосема случајно, по пријавен случај кој нема врска со овој, но во кој обвинетиот се согласува да сподели информации за фудбалски тренер од Јеил, кој пак откако е уапсен „пропејува“ за својот соработник Сингер. А без тронка премислување, следен во низата е Сингер, кој соработува со властите за да се соберат докази против родителите. Иронично е што голем дел од нив веќе се осудени на неколку месеци затвор. Но процесот за Сингер се уште трае, и тој во моментов е на слобода. Некои од универзитетите кои добивале донации односно мито ги немаат вратени парите (на пример Стенфод, сума од 700.000 долари), а оние кои изгореле во процесот се најчесто тренерите, кои не ги ставале парите во сопствениот џеб туку ги пријавувале и ги вложувале таму кадешто било потребно - во самите спортски програми.

На крај некако најгреота се децата, оние кои низ скандалот откриле дека нивните резултати биле местени, и дека родителите, без нивно знаење, ги втурнале во ваква шема. Уште погреота се оние кои никогаш не би можеле да припарат до Харвард или Јеил, без оглед на своите квалитети.

Илина, Букбокс

22 март 2021 - 09:39