Рајко Грлиќ, прашкиот ученик кој за време на војната во Хрватска замина за САД каде живее и денес, последен пат го видовме во 2010 со „Нека остане меѓу нас“ со Мики Манојловиќ, кој раскажуваше приказна за двајца браќа и нивните паралелни животи кои плетат мрежа полна неверства и разочарувања.Тоа беше втора сценаристичка соработка на Грлиќ со Анте Томиќ, со кого го напишаа и најновиот, „Устав на Република Хрватска“.
Двајцата познати автори влегуваат во ризичен потфат со филм кој безмилосно ги дијагностицира и критикува мааните на современото хрватско општество, знаејќи дека тој би можел да биде коментиран како дело на „комуњари“, анти-Хрвати и предавници, од страна на луѓе кои можеби воопшто нема да се помачат ни да го погледнат. Но тоа што Грлиќ живее во далечното Охајо, а Анте Томиќ веќе отрпна и на физички напади (за неговото полевање со кофа гомна среде Сплит пишувавме тука, а за палење на куклата со негов лик на карневалска прослава во Имотска краина тука), прави тие, согласно старата добра „Боље гроб него (уметнички) роб“, да истраат во своите тврдоглави намери.
Главниот лик, Вјекослав Краљ (брилијантно го игра Небојша Глоговац), сосема одговара на она од Радован Треќи: „Тој беше контроверзна личност. Сув и дебел“. Наутро гимназиски професор по историја со изразити националистички ставови, попладне негувател на неговиот неподвижен татко-бивш усташ, чија црна униформа сè уште стои во семејниот шифоњер, а ноќе дотерана госпоѓа под име Катерина која елегантно чекори по мрачните загрепски улици, и тој, исто како и авторите на филмот, ризикува да биде натепан.
Токму тоа и се случува кога група млади со извици „убиј го педерот“ и „мамицата твоја комунистичка“ го напаѓаат, и не само што физички го повредуваат, туку и му го одземаат скапоцениот медаљон - наследство од мајка му. Тука, на линијата болница-полиција се случува и неговото поврзување со комшиите од долниот кат, со кои до тогаш речиси и да нема комуникација.
Полицаецот, кој за да не го загуби работното место за време на војната се прекрстил во Анте и се пријавил како доброволец во војната против неговите сонародници, Србите, и неговата жена-медицинска сестра Маја, имаат и хумани, но и многу прагматични мотиви зошто би му помогнале на Вјеко - полицаецот да се пронајде и казни неговиот напаѓач, а жена му да се грижи за неподвижниот старец додека синот не закрепне од повредите. Првиот треба да полага некаков државен испит кој подразбира детално познавање на Уставот на Република Хрватска, па професорот може да му помогне со објаснувања и испрашување. Маја пак, иако отпрвин одбива пари за негата, потоа признава дека добро им доаѓаат, а има и уште поамбициозна идеја - со тоа што ќе се спријатели со Вјеко да го спречи неговиот план огромниот стан по смртта на стариот да ѝ припадне на црквата, и да им го препише ним, со што тие би добиле предност на списокот за посвојување дете, за кое копнеат со години.
Низ целиот тој лавиринт на очекувања, стравови, тајни и желби, сите ликови од време-на време го губат патот, за потоа некако, со помош на другите околу нив, повторно да го пронајдат. „Нема јас, како јас“, остро реагира Вјеко кога Анте од него бара не да биде третиран како припадник на српскиот народ, туку како поединец, кој според Уставот треба да ги ужива сите права. Она што во таа сцена звучи како трајно запечатување на нечија судбина која се изедначува со колективната, и истовремено како предрасуда изречена (парадоксално) од уста на човек кој и самиот има „флуиден“ идентитет, толкувано во позитивен клуч може да значи и „нема САМО јас, како јас“, во смисла на тоа дека ниту еден човек не е остров, стан на некој-си-таму-кат, лик во влезот за кого ништо не знаеме иако секојдневно се судираме со него, дека сите сме поврзани со нишки од кои зависи и нашата судбина, и судбината на „нас“ како колектив. Дека е тоа така е прекрасно доловено преку спореден лик на човек кој труе кучиња по маалото, со тоа што во виршли крие парчиња срча - иста таква виршла по грешка јаде и неговата сопствена мајка, по што умира во истата болница каде работи Маја.
Преку зближувањето на луѓето кои најпрвин заради практични причини, а потоа и заради искрената интимност која полека се гради меѓу нив успеваат да ги надминат навидум непремостливите разлики, Грлиќ го срочува вистинскиот Устав, не само на Хрватска, туку и на која и да е земја во светот - оној всушност непишаниот, според кого луѓето се навистина еднакви, според кој не е важно кој е педер, а кој Србин, кој гарантира слобода на вероисповед и сексуална ориентација. Тој свет не е сочинет од членови, преамбули, параграфи и заклучни одбредби, туку е „природно“ вграден во сечија совест и однесување, како ѕвезденото небо над нас, и моралниот императив во нас.
Затворањето на овогодишното одлично издание на Синедејс не можеше да биде подобро. Небојша Глоговац, кој се поклони пред публиката, сосема го заслужи бурниот аплауз. Неговата одмереност, елегантни филмски движења и човечноста до која катарзично доаѓа откако не успева да се самоубие на истата клупа на којашто тоа го сторил неговиот непрежален љубовник, прави во последниот кадар речиси и да не го забележиме неказнетиот убиец на маалски кучиња, кој повторно остава виршли со срча покрај една бандера, а куче-минувач со сласт го јаде. Како што пропуштаме да ги забележиме и казниме оние кои секојдневно нè трујат со омраза.
Јосипа и Дуке, во трејлер од филмот