Николас (Koпола) Кејџ во последниве години, можеби поради постојаното заглавување во долгови, има глумено во толку глупи и површни филмови што е малку тешко да се поверува дека тоа е истиот човек што доби Оскар за „Напуштајќи го Лас Вегас“ од 1995, или кој играше во „Адаптација“ на Чарли Кауфман од 2000-та. Но со најновиот, „Свиња“, тој покажува дека е се уште суптилен актер, чие присуство во филмот ја спасува инаку по малку шупливата приказна.
Ликот што го игра, Роб, е одметник од цивилизацијата, кој живее во шумска колиба, без вода и струја. Единствено друштво му е Пиг, свиња обучена да бара тартуфи, со која ги минува деновите трагајќи по скапоцената печурка. Секој четврток на посета доаѓа Амир, кој ги откупува тартуфите и тук и таму нафрла по некој тотално бескорисен совет („а да ти купам од оние подвижни тушеви?“). Роб изгледа како да нема никој на светот, а и како и да нема потреба од луѓе. Единствена назнака за некаква негова мината врска е касета со снимен женски глас, можеби на неговата жена или девојка.
Една вечер свињата е киднапирана, а Роб претепан. Целиот крвав заминува за најблискиот поголем град, Портланд, обидувајќи се да ја пронајде. Со помош на Амир ги посетува старите познаници, како и ресторанот во којшто некогаш (пред 15 години) работел како врвен готвач. Од свињата ни трага, ни сланина.
Полека станува јасно дека постои мрежа на готвачи, сопственици на ресторани и доставувачи на храна кои како некое тајно друштво имаат свои тајни и кодекс на однесување. Роб некогаш бил легенда во тие кругови, додека не исчезнал од причини кои до крајот на филмот не се баш јасни. Кејџ одлично го доловува психолошкиот профил на некој што со години се обидувал да им се тргне на сите од патот, за сега токму тие „сите“ да се вмешаат во неговиот. Во неговиот лик има и мистичност, и некоја филозофска жичка, и очај, и тага, но и стоицизам и упорност во борбата за своето. „Купи си друга свиња“, му велат најдобронамерно, но тој и неговиот асистент-душкач се поврзани не само на практично туку и на метафизичко ниво. Роб и без свињата би можел да наоѓа тартуфи, тој едноставно ја сака. Во шумата се чувствува како нејзин жител, а во градот, иако крупен и самоуверен, е некако мал и беспомошен.
Иако Амир на почетокот е заинтересиран само за „робата“, тој му станува Санчо Панса на шумскиот Дон Кихот. Само што овие наместо на ветерници итаат кон еден цел корумпиран естаблишмент, за којшто е сеедно дали дила со дрога, со оружје или со скапоцени печурки.
Филмот е бавен и не ги одговара до крај сите поставени прашања. Она што е во центарот на интересот на сценаристот и режисер Мајкл Сарноски е катарзата низ која мора да помине Роб во потрагата по единственото нешто што му значи, а кое неправедно му е одземено. Може ли тој да загуби повеќе од она што и онака го нема? До крајот на филмот станува јасно дека тоа не е (само) едно прасе, туку неговиот сопствен живот.
Илина, Букбокс