Букбокс гледаше

„Судењето во Токио“ (мини-серија)

Кога ќе се споменат судења за воени злосторства по Втората светска војна најчесто се мисли на Нирнбершкиот процес. Популарната западно-европска и американска култура ретко се занимавале со судењата за воени злосторства на Далечниот Исток. Оваа серија е еден таков пример.

На 19 јануари 1946 американскиот генерал МекАртур издава наредба за формирање Меѓународен воен трибунал за далечниот Исток, како и посебно упатство во кое се објаснува начинот на неговото формирање и функционирање.

На 29 април, после опсежни подготовки, во зградата на некогашното Министерство за војна на Јапонија, влегуваат 11 судии, од следниве земји: САД, Британија, Франција, Холандија, Австралија, Индија, Канада, Кина, Нов Зеланд, Филипините, СССР и САД. Претседател е австралискиот судија сер Вилијам Веб.

Во текот на четирите епизоди, серијата го покрива самото судење, но и она што се случувало зад кулисите - несогласувањата помеѓу судиите, тивката борба за доминација, менувањето на мислењата согласно презентираните докази, приватните ситуации на некои од нив. Најголемо сценаристичко внимание добива холандскиот судија Ролинг, што не изненадува ако се земе предвид дека дoминантен продуцент на серијата е Холандија, иако првично е иницирана од јапонскиот јавен радиодифузер НХК.

Сепак, од актерска гледна точка, највпечатлива е улогата на познатиот индиски актер Ирфан Кан (кој почина во 2020) како индискиот судија Пал, кој од самиот почеток па до крајот на судењето тврди дека сите обвинети треба да бидат ослободени, бaрем по обвинувањето за заговор за организирање војна, бидејќи според постоечките закони од времето на кое се однесува обвинението, тоа не се сметало за незаконско. Во серијата тој на повеќе пати го истакнува своето мислење - дека светот не е доволно созреан за да ја прогласи војната за нелегитимна и нелегална активност, и дека ќе поминат уште многу војни пред тоа да биде можно. Сепак, тој останува маргинализиран од мнозинството, кое се држи до Нирнбершките судења како урнек и не сака да отстапи од истиот терк за да не се доведат во прашање неговите процедури и изречени казни, од кои најголем број смртни.

Во случајов обвинети се 28 Јапонци, меѓу кои поранешни премиери, министри за надворешни работи и воени команданти, но и некогашните јапонски амбасадори во Германија и Италија, како и еден политички филозоф. Двајца од нив умреле во текот на долгото судење, кое најпрвин требало да трае шест месеци, но траело цели две и пол години. Притоа биле ислушани сведоштвата на 419 сведоци и биле разгледани 4.336 докази, вклучувајќи изјави на 779 други поединци.

Обвинувањата се однесувале на широка лепеза дела, меѓу кои започнување непровоцирана војна против Кина, Сад, Холандија, СССР и француска Индокина, нехуман третман на воени затвореници, како и непреземање мерки за спречување на воени злосторства. Изречените казни варирале од седум години затвор па до смртна казна, изречена на седум од обвинетите (смрт со бесење).

Во серијата се начнува прашањето на одговорноста на јапонскиот цар, без чиј „благослов“ не би можела да се одвива ниту една државна акција, а камоли водење агресивна војна. Сепак, станува јасно дека на некои од инволвираните страни не им одговара тој да биде обвинет. Ова посебно се однесува на администрацијата на Труман, која верувала дека реформите би можеле да се одвиваат полесно доколку нив би ги спровел царот Хирохито, токму поради неговиот несомнен авторитет. Во текот на судењето станува јасно дека постои договор помеѓу обвинителството и обвинетите, ниту еден од нив да не го имплицира царот, што било лесно со оглед на традиционалната приврзаност на Јапонците кон царската традиција. Има и други нати- дајми ситуации, како и нагли пресврти во ставовите, што поттикнати од личните преиспитувања на судиите, што од влијанието на нивните влади, кои во одделни случаи (Австралија, Холандија) се обидуваат да извршат голем притисок и да ја одредат насоката на судењето.

Во серијата е вметната и полу-љубовна приказна за холандскиот судија и извесна германска пијанистка која е принудена да живее во Јапонија откако му се спротивставила на нацистичкиот режим. И ова е вистинско освежување со оглед на често „сувата“ правничка терминологија и следењето на судските рочишта, како да се одвиваат во живо. Притоа, прелевањето на документарните снимки со оние снимени за серијата, исто така црно-бели, е направено навистина ефектно, па човек често не знае дали она што го гледа е дел од архивскиот или од доснимениот материјал. На крајот се прикажани и фотографии на реалните судии, придружено со кратки информации за тоа како тие ја продолжиле својата кариера. Повеќето продолжиле со кариера во правото, но имало и такви кои се ангажирале во хуманитарна работа, или едноставно уживале во пензионерските денови со децата и внуците.

Во 2017 серијата беше номинирана во категоријата најдобра мини-серија, а сега може да се погледне на Нетфликс.

Илина, Букбокс

20 март 2021 - 12:06