Речиси и да нема медиум кој не пишува за новата јужнокорејска серија „Сквид гејм“, чија прва сезона од девет епизоди се прикажува на Нетфликс. Од дизајнот, книжевните референци, корејскиот фолклор, теориите на игри, до вклучувањето на корејски зборови во речникот на англиски (за што пишувавме тука) и најновите препораки на образовните и педагошки власти (на пример во Британија) да не им се дозволува на деца да ја гледаат, сето тоа е предмет на анализа, мемиња и дискусии.
Фамата околу исто така јужнокорејскиот „Паразит“, и купот награди коишто тој ги освои, беше најава дека на оваа кинематографија ќе се гледа како на агрегатор на свежи и откачени идеи, кои колку и да се бизарни и нетипични за онаа западната, ќе бидат социјално ангажирани и ќе отсликуваат глобален цајтгајст. „Сквид гејм“ сепак се надоврзува на претходни и западни и азиски традиции на крвави дистопии, како јапонскиот „Бетл Ројал“ и трилогијата „Хангр Гејмс“ која уште пред една деценија ги рушеше рекордите во кино-салите. Она што ја разликува серијата од овие два филма со коишто најчесто се споредува, е што обата се лоцирани во блиска или неодредена ИДНИНА, додека наративот во „Сквид гејмс“ е лоциран во сегашноста, поточно годината 2020, кога според тајните досиеа кои се појавуваат во една од сцените тие траат веќе 5-6 години. Оттаму „дистописка“ можеби и не е најточната жанровска одредница, бидејќи таа формално подразбира „замислено ФУТУРИСТИЧКО општество во кое има големо страдање или неправда, типично такво кое е тоталитарно или пост-апокалиптично“. „Сквид гејмс“ не е футуризам, туку „презентизам“, не опишува тоталитарна туку, барем на површината, една крајно демократска атмосфера со јасно поставени правила и можност на донесување одлуки на мнозинството, и не се одвива по некаква апокалипса, туку во сегашна Јужна Кореја која во блиското минато нема доживеано природна катастрофа или војна. Па, сепак...
Сите 456 учесници во игрите чиј сет-ап за повозрасните асоцираат на некогашните југословенски „Игри без граници“, а на новите генерации на слични такви ама поспектакуларно дизајнирани натпревари од типот на „Вајп аут“, се заглавени во долгови или животот ги ставил во позиција да немаат веќе што да загубат. Иако постојано се инсистира на фактот на нивното „доброволно“ учество во експериментот, за што треба да потпишат и соодветен фаустовски документ, тој повеќе се однесува на нивните тела, а не на нивните веќе загубени души. Умственото и душевното не е нешто на кое човек може да се потпре во опстанокот во игрите, кои најчесто се базираат на проста среќа и капацитет за суровост. Индикативно е што второто, можеби и повеќе од обичните „битанги“, го покажуваат високо образовани луѓе, интелектуални идоли на својата локална средина. Соочени со избор помеѓу смрт или живот со милијарди „вони“ кои се акумулираат во текот на играта (некој пресметал дека тоа се 38 милиони долари, иако на екранот делуваат како многу повеќе од тоа), дури и оние кои покажуваат емпатија и се меѓу ретките кои имаат грижа на совест наоѓаат начин да се самоубедат во исправноста на своите постапки, црпејќи гнев од неправичноста на другите.
Во позадината на игрите сепак не е само некаков дарвинистички експеримент, ниту само забава за богатите, иако таков „очи-ширум-затворени“ елемент на еротска надразба од нечие страдање има. Она за што играчите не се свесни (едит: а не се свесни ни организаторите, туку тајно го прават нивните „војничиња“) е „жнеење“ на човечки органи. Очигледни се референците на холокаустот, истребување кое во случајов се однесува на „слабите“ човечки единки, и тоа не само поради атмосферата во крематориумите каде се палат телата, туку и поради гасот со кој се успиваат играчите кога прв пат се носат (или се враќаат) во играта. Иако таа не се одвива во подземје, туку на изолиран остров, чести се референците на пеколот, кој со самото тоа што е на иста рамнина со останатиот свет можеби укажува на тоа дека пеколот не е „некаде таму“, туку тука и сега. Менаџери на адот се пребогати ликови, често мотивирани од обична досада, со своја војска деперсонализирани ликови чија хиерархија е препознатлива по тоа дали се триаголници, кругови или квадрати во свет на чиста геометрија.
Тука отприлика се исцрпуваат асоцијациите за еден западен гледач, кои за еден Кореец сигурно се побогати (игрите се дел од корејскиот фолклор, еден од ликовите е бегалец од Северна Кореја со јасни политички алузии, англискиот превод е наводно непрецизен итн.). Сепак, пораката е глобална и универзална - либералните демократии во прегратка со капитализмот нудат наводна слобода и избор, но секој чекор во таа „игра“ на поединецот кој мисли дека може да го надмудри системот е уште подлабоко загазување во сопствената пропаст. Обратното, успехот во „играта“ подразбира елиминација на конкуренцијата, и заземање на ставот со кој се бранеле и оние кои ги палеле печките во Аушвиц - „така ни беше наредено“. Дали може да се излезе од „играта“? Да, но или во сандак, или сериозно оштетен.
Наместо да се споредува со оние на почетокот, серијата во суштина е најблиска до еден до сега неспомнат филм. Станува збор за комедијата со куп познати актери, меѓу кои Џон Клис и Роуан Аткинсон, „Рет рејс“ или „Тркa на сè или ништо“. Да, комедија, но со премиса која е многу слична со онаа на „Сквид гејм“. Куп очајници се натпреваруваат кој прв ќе стигне до некакаква награда, често ризикувајќи си го животот. Организаторот е магнат - сопственик на казина, а оние кои се обложуваат следејќи ја играта (тогаш со поскромна технологија) негови другари богаташи, кои се обложуваат на сè и сешто, (пак) од досада. Годината кога е снимен филмот е 2001. Симболични две децении подоцна, играта за награда е крвава, и воопшто не е смешна.
И на крај, зошто и покрај сиот филозофски и симболички набој „Сквид гејм“ сепак е своевидна измама? Затоа што последиците од нејзината популарност само ги потврдуваат принципите на еден систем кои таа (наводно) ги критикува. Седиме пред телевизорите учествувајќи во воајерството, правдајќи се дека тоа е од метафизички побуди или поради забава. Но серијата не е издвоена од реалноста туку е истовремено и нејзина причина, и последица. Сајтовите кои продаваат облека и други производи поврзани со неа трупаат пари во куферите слични на оние на организаторите на игрите. Се најавуваат Сквид-гејм тематски настани и натпревари. Oваа Ноќ на вештерките сигурно ќе има многу розови костуми (и зелени тренерки?). А ништо чудно во сандачето да најдете и визит карта со трите препознатливи симболи. Што ли би направиле тогаш?
Илина, Букбокс