Букбокс гледаше

„Шеф на ноќна смена“ (The Night Manager, 2016)

Mини шпионска серија во продукција на Би-би-си, направена според роман на Џон Ле Каре, чии (само) шест епизоди ќе ве остават гладни за повеќе. 

Дејвид Џон Мур Корнвел, попознат како Џон Ле Каре, славен британски автор на шпионски трилери, во текот на педесетите и шеесетите работел за тајните служби, и почнал да пишува под псевдоним. Откако неговите романи станале меѓународни бестселери ја напуштил разузнавачката служба и се посветил на пишувањето. Во 2008 Tајмс го рангираше на 22-рото место на списокот најдобри британски автори по Втората светска војна.

„Шеф на ноќна смена“ е негова книга од 1993, прва во неговиот опис која не се однесува на Студената војна. Според неа е направена мини-серијата на Би-би-си, прилагодена на современите политички и бизнис околности, со Том Хидлстоун и Хју Лори во главните улоги.

Веднаш по премиерата во февруари оваа година критичарите побрзаа да пронајдат врски помеѓу ликот на Џонатан Пајн (Хидлстоун), хотелски менаџер неочекувано вовлечен во животот и бизнисите на моќен дилер со оружје, по што е регрутиран од страна на британските тајни служби, и најпознатиот шпион на светот - Џејмс Бонд. Работата отиде то таму што по емитувањето на првата епизода британските обложувалници престанаа да примаат ливчиња за тоа кој ќе го игра следниот Бонд, бидејќи Хидлстоун преку ноќ ги претрка неговите конкуренти, меѓу кои Редклиф од Хари Потер или Џерард Батлер. Ова покажа дека не само што Хидлстоун ги исполнува сите критериуми за филмски шпион од калибарот на Бонд (згоден и неопходен), туку и дека серијата изгледа како „аудуција“ за ваква улога, со нејзините прекрасни локации, убави жени и возбудливи заплети.

Сепак, ликот на Пајн има некои особини кои му обезбедуваат дури и предност пред оној на Бонд, без оглед кој го игра последниов. 007 е стандардно студен, мизогиничен, во служба на татковината и на задачата, без многу-многу емпатија или чувство на вина. Истовремено, никогаш не дознаваме детали за неговиот претходен живот во „цивил“, за неговото детство или за семејството. Ле Каре го хуманизира својот лик, па во книгата ни дава некаква биографска позадина за него:

„Џонатан Пајн, сирак на убавица почината од рак и на британски поручник убиен во една од многубројните постколонијални војни на неговата земја, со диплома од бројни сиропиталишта, прифатни домови, полу-мајки, кампови за обука, готвач, хотелиер, во постојано бегство од емоционални приврзувања, собирач на туѓи јазици, самоизгонето суштество на ноќта и морнар без одредиште“.

Пајн оттаму е ем сето она што е Бонд во физичка смисла, плус „душа напатена“, што го прави (по)нежен, правичен, подготвен на саможртва во име на идеја, лојален кон луѓе кои му се драги, а особено кон жени. Всушност смртта на една од нив во конекст на „арапската пролет“ во Каиро во првата епизода е и главниот мотив зошто тој почнува да го брка Ричард Ропер (Хју Лори), британски трговец со сенешто, од напалм до нервен гас, кој во јавноста се претставува како филантроп кој им помага на луѓето од загрозените светски жаришта. Самотничката мисија на Пајн добива сојузници во британските служби, кои четири години го обучуваат за тој да влезе како „крт“ во светот на Ропер.

Од тука натаму приказната е динамична и визуелно ефектна, па шест епизоди ќе ви се видат недоволни. Втора сезона наводно се планира, но само доколку Ле Каре напише продолжение на неговата книга. Сакаме да веруваме дека на негова возраст (84 години) тоа и може да се случи. Ако не, можат и да ни го пуштат Хидлстоун во стоп-кадар како само трепка со тоа очите. И со тоа ќе бидеме задоволни.

 

20 август 2016 - 11:14