„Помалку од три проценти од вас читаат книги. Помалку од петнаесет проценти читаат весници. Единствената вистина што ја знаете ви доаѓа преку оваа катодна цевка. Во моментов има цела генерација која не знае за ништо друго освен она што ѝ се сервира на овој начин. Оваа цевка е Евангелие. Ултимативното откровение! Таа може да создаде или да свргне претседатели, папи, премиери. Таа е најпрекрасната божествена сила во безбожен свет. И кој знае што би можело да се случи ако падне во погрешни раце“
Годината е 1976. Некогаш популарниот ТВ водител на вести, Хауард Бил (Питер Финч), е веќе остарен и ретко трезен. Рејтинзите вртоглаво паѓаат и тој е отпуштен. Во последната, проштална емисија, Бил објавува дека има намера да се убие. Го тргаат од програмата, но тој успева да се избори за само уште една емисија, која ја започнува со: „Веројатно се прашувате што се случи. Па ќе ви кажам - ми снема телевизиски срања“.
Заради вртоглаво зголемената гледаност, ова наместо последен станува прв во неговата „ребрендирана“ серија настапи, како Лудиот пророк на американската нација, со публика во живо. Идејата е на младата продуцентка Дајана (Феј Данавеј), која воведува дотогаш незамислив формат за една сериозна ТВ куќа - мешавина на вести, пророштва и трачеви, со еден збор станува пионер на модерната „ријалити“ телевизија. Бил е сместен во иста емисија со извесна Видовита Сибил и специјалистка за рекла-казала Мата Хари, па така неговите хистерични предупредувања и повиците понижените и навредените (буквално) да го кренат својот глас, жанровски се сместени во рубриката „забава“. Дури и кога илјадници луѓе низ цела Америка навистина излегуваат на прозорците и ја извикуваат реченицата која е на 19-тото место на најдобри филмски цитати на Американскиот филмски институт - ГНЕВЕН СУМ, И НЕМА ВЕЌЕ ДА ГО ТРПАМ ОВА! - тоа не прави голема разлика во поголемата шема на работите.
„Знаеме дека демократијата е џин на умирање, болен политички концепт кој се распаѓа. И не мислам дека САД веќе нема да бидат светска сила. И не мислам дека комунистите ќе го преземат светот, затоа што тие се помртви од нас. Она што е мртво е поединецот. Секој од нас. Затоа што ова веќе не е нација на наезависни индивидуалци. Ова е нација на повеќе од двесте милиони транзистирани, деодоризирани, побели од бели тела, целосно ненеопходни и заменливи човечки суштества“
Крајот пак на Хауард Бил доаѓа кога во една од емисиите изјавува дека американскиот бизнис, вклучително и ТВ мрежата за која работи, се продаваат на Арапи. Тогаш продуцентката - инкарнација на демонскиот медиум - студено дава предлог Хауард да биде убиен во живо, од радикалните левичари-терористи за која таа планира посебно прајм-тајм шоу, во кое тие би си пуштале снимки од своите акции. Така според неа би се постигнал двоен ефект - ем би се отстранил пророкот во моментот кога тој чепна во најсветото, капиталот, ем би се обезбедила голема почетна гледаност на следното шоу.
Да повториме, годината кога е снимен филмот е 1976. Катодната цевка од почетниот цитат денес може да е каков и да е компјутерски или ТВ монитор. Терористите пуштаат клипчиња на интернет, претворајќи го медиумот во своја алатка. Поединецот со став е мртов, и тоа не само во САД. Пророците се убиени или исто така мртви. Голем број ликови од филмот во последниве четириесет години од неговото прикажување имаат транзитирано од „шокантни“ во „нормални“, па дури и посакувани. Ликот на Дијана во критиките од времето кога филмот бил номиниран за десет Оскари а доби четири (две за главна улога, една за споредна и за сценарио на Пади Чајефски) е опишуван како „дијаболичен“, но денес таа би била фам-фатал бизнис хероина, а нејзиниот љубовник - уредникот на истиот ТВ канал од постарата генерација, само реликт од минатото, прегазен од таквите како неа.
На времето „Мрежа“ бил оценет како сатира и „месијанска фарса“. Денес ремек-делото на Сидни Ламет е на граница на документарец. Веќе немаме ни сила да излеземе на прозорците и да крикнеме дека сме гневни. Само уште прстите ни куцкаат во празно. Додека и тој звук не стивне.