Истата таа априлска вечер во 1989, додека спомнатите петмина со поголема група црни млади момци талкаат низ Централ парк, 28-годишна бела жена, инвестициски банкар по име Триша Мајли, решава да џогира по неговите темни патеки. Пронајдена е во 1:30 наутро следниот ден, тепана и силувана. Минува 12 дена во кома, додека нејзиниот случај станува еден од медиумски најпокриените кривични дела од 1980-тите.
Парчиња од мозаикот на она што навистина се случило има многу малку, и сликата е матна. Нема сведоци, времето на напад не се совпаѓа со движењето на групата тинејџери, нема материјални докази за тоа дека станува збор за повеќемина извршители. На обвинителката за сексуални кривични дела на градот Њујорк, Линда Ферстин, очајно ѝ е потребно решение. Кога сфаќа дека група млади црнци во моментот се собрани во станица заради тоа што наводно дивееле низ паркот, расположението одеднаш ѝ се менува. Штом биле во близина, тие мора да имаат врска со настанот. Иако во филмот терминот „расист“ никогаш експлицитно не се споменува, сè што следи по овој момент е полно со предрасуди, конструирани заклучоци, прекршување на сите можни закони за права на приведените и, конечно, крајна бесчувствителност кон фактот дека тие се сепак само деца.
Нетфликс серијата „Кога ќе нè видат“ (игра на зборови во која seeing има двојна улога, и како физичко гледање на нешто кое до скоро било скриено, но и разбирање, сфаќање) се однесува на вистинската приказна на петорицата главни протагонисти - Кевин Ричардсон, Антрон МекКреј, Јусеф Салаам, Кори Вајз и Рејмонд Сантана - обвинети во случајот, кои тогаш биле на возраст од 14-16 години. Четирите епизоди ја покриваат целата хронологија, од кобната вечер на нападот, преку распитот, судењата, времето минато во затвор и она што следело откако вистинскиот извршител на силувањето, кој веќе служел доживотна казна за слични дела, го признал делото, дури единаесет години подоцна. Ако е точно дека „Господ забавува, но не заборава“, во случајот со „Петмината од Централ парк“ тој навистина не брзал.
Веројатно најтешка за гледање е токму првата епизода, во која пет преплашени деца се оставени сами на себе, без право на придружник, осумнаесет часови без храна и сон, психолошки „обработувани“ од бели детективи кои работат по налог на обвинителството. Со лажни ветувања дека ќе бидат пуштени доколку признаат учество во настанот и укажат на директна вина на некои од другарчињата (или на луѓе чии имиња прв пат ги слушаат), тие се согласуваат да бидат снимени и да потпишат изјави. Во некои случаи изјавите ги потпишуваат дури и нивните родители или роднини, подеднакво избезумени и неинформирани за своите и за правата на своите деца. Секако, ниту едно од нив потоа не е пуштено на слобода.
Во втората епизода, која се фокусира на судењето, станува јасно дека признанијата се изнудени, меѓусебно конфликтни, дека ракописните изјави не се пишувани од раката на децата, и дека на местото на настанот не е пронајден ниту еден физички доказ кој би ги поврзал со делото. Сцените во кои адвокатите на обвинетите ги изнесуваат овие аргументи се толку убедливи што дури и да го знаете секој детал за вистинското судење и неговиот крај си помислувате дека историјата можеби некако магично ќе се промени - дека со некаква временска машина правдата ќе се пресели во судницата и ќе докаже дека е навистина иста, и за бели и за црни, и за богати и за бедни.
Иако им е понуден „дил“, децата одлучуваат да не признаат нешто што не го сториле. Сите се осудени и отслужуваат помеѓу 6 и 13 години, со тоа што Кори Вајз е единствен кој заради тоа што има веќе полни 16 години е осуден како возрасен и лежи во затвор за возрасни, додека другите се сместени во „џуви“, поправни домови. Последната, четврта епизода, му е целосно посветена нему, затоа што тој е и најтрагичниот лик од петмината. Дојден во полициската станица само за да му прави друштво на другар му Јусеф, тој по несреќен склоп на околности (заспива на клупата во ходникот) станува лесна мета на обвинителството на кое му треба и некој постар кој ќе заслужи и посериозна казна. Одделен од останатите, тој по затворите низ кои минува е толку малтретиран што често бара со недели да седи во самица само за да нема контакт со другите затвореници. Истовремено, ова е и единствениот лик чија тинејџерска и возрасна верзија ја глуми ист актер.
Креаторката на серијата и негова ко-сценаристка и режисерка, Ава ДуВернеј, имала на располагање толку материјал што наместо 4 можела да направи и 40 епизоди. Но нерасплинувајќи се, и концентрирајќи се на најважното - фактите, семејните прекршувања, борбата за ментален и физички опстанок на затворените - таа постигнува огромен ефект. Не пропушта да нагласи и еден во ретроспектива многу значаен момент, огласот кој во текот на судењето го издал Доналд Трамп во Њујорк Тајмс, а го чинел 85.000 долари, во кој повикува на смртна казна за петмината. Во неодамна ископано интервју од 1989 кај Лери Кинг, Трамп изјавува дека „можеби омразата е токму она што ни е потребно за работите да функционираат“. Кога во 2014, дванаесет години по признанието на Матијас Рајс дека е сторител на делото, градот Њујорк им исплати отштета на петмината кои невини лежеа во затвор од 41 милион долари, Трамп го нарече овој потег „срамотен“.
Многу важен елемент за разбирање на серијата е и специјалната емисија на Опра (инаку еден од извршните продуценти), исто така на Нетфликс, во која таа разговара со вистинските петмина. Некои од нив спасот го нашле во Бога, во семејството, во децата. Други делуваат трауматизирани, зборуваат како да се на јаки седативи или на наркотици. Никој од нив не вели дека парите од отштетата можат да го надоместат загубеното. Исто како и ние, и тие се зачудени што по јавното откривање на вистината за случајот, значи од 2002, единствената што почувствувала некакви последици била Линда Ферстин, која го загубила местото во обвинителството и почнала да пишува крими-романи. По емитувањето на серијата издавачот ја прекинал соработката со неа и ја откачиле од пар хуманитарни организации во кои членувала. Дали навистина ова е најголемата последица по оние на другата страна од овој случај?! Зошто освен пари луѓево никогаш не добиле извинување?
И покрај целата „американскост“ на серијата, таа не е ни од далеку ограничена на овој случај или на расната дискриминација во оваа земја. Таа зборува за универзалноста на неправдите и кафкијанскиот круг во кој можат да се најдат многумина, ако се најдат на погрешното место, во погрешно време, и во погрешна кожа.
Илина, Букбокс