„Кликбејт“ е веројатно типичен пример за теркот на хит Нетфликс серија. Неколку актери кои се знае дека добро ќе ја завршат работата дури и при полуквалитетно сценарио (во случајов одличната Зое Казан од „Руби Спаркс“), мистерија која почнува да се заплеткува уште од првата минута и се движи доволно вртоглаво за човек да не се откаже на пола серија, малку мелодрама, секс и доволно сомнеж во речиси секој од ликовите, дури и во оние кои делуваат како морално најисправни.
Во „Кликбејт“ го има сето ова, дури и прекумерно. Сопругот, татко, брат и син Ник Бруер, кој изгледа како да има сосема нормален фамилијарен живот, еден ден исчезнува за потоа да се појави во вирално видео, држејќи знаци кои велат „ЈАС ЗЛОУПОТРЕБУВАМ ЖЕНИ“ и „ЌЕ МЕ УБИЈАТ НА 5 МИЛИОНИ ГЛЕДАЊА“. Кликовите се трупаат и за само неколку часа дури и оние кои можеби не му ја посакуваат смртта не можат да престанат да го пуштаат, со тоа само додавајќи на бројката.
Со што го заслужил oва Ник? Кои се тие жени кои наводно ги злоупотребил? Дали видеото е „дипфејк“ и целата работа е некаква тинејџерска зафрканција, или е сериозна и бара полициско вмешување? Набргу станува јасно дека станува збор за второто. Но во расчистувањето на случајот повеќе игра улога умешноста за хакирање, мрежното поврзување со туѓинци и познавањето на психологијата зад барањето дигитално внимание, отколку некаква класична шерлокхолмсовска дедукција.
Иако на моменти се претвора во сапунска мешаница од приказни, мотиви и ликови, серијата сепак има поента, и претставува римејк на добрата стара поговорка - Што еден будала ќе уништи, десеторица мудри не можат да изградат. Во случајов само еден лик жеден за моќ која ја нема во реалниот живот, но многу лесно ја стекнува во оној виртуелниот, е иницијална каписла за синџир трагични настани кои на почетокот не можеле да се предвидат. Да ги изгледате сите осум епизоди од „Кликбејт“, и покрај тоа што после третата горе-долу ви било јасно како ќе заврши, не е трагично, а може да е корисно како уште едно потсетување на можностите за манипулација која ја овозможува технологијата. Притоа „јадицата“ не е самата таа, туку нашите потреби од признание, љубов и внимание.
Илина, Букбокс