Постои древна легенда за Пигмалион, вајар од Кипар, кој направил скулптура од слонова коска на жена која ја нарекол Галатеа. Посакал девојка иста како неа - кога ја бакнал нејзините усни биле топли. Кога ја бакнал по втор пат и ѝ ги допрел градите, тие веќе не биле студени.
Овој мотив на креација на уметникот која буквално оживува ја имаат обработено, препејано и прераскажано бројни писатели, сликари и режисери - од Овидиj и неговите „Метаморфози", Карло Колоди во приказната за Пинокио, Оскар Вајлд со Доријан Греј, Апдајк со неговиот краток расказ „Пигмалион", Доницети во неговата прва опера, Вуди Ален во „Моќната Афродита"...Сега на овој список се придружува и „Руби Спаркс", драма за еден млад, осамен писател и неговата креација - црвенокосата Руби.
Калвин Вир-Филдс (го игра Пол Дано) е книжевно генијалче од дете, чиј прв роман, којшто го напишал кога имал само 19, се споредува со класици од типот на „Ловец во р'жта". Во паузите додека мака мачи со „писателската блокада", еуфемизам за зјаење во празен лист вметнат во машина за пишување (бела Олимпија), си го шета кучето Скоти (да, именувано според Ф. Скот Фицџералд) и настапува на глупи „разговори со авторот" организирани од неговиот агент, на кои главното прашање на публиката е - што ќе напише следно? Очигледно под голем притисок бара психијатриска помош, и докторот смислува начин како да му помогне - му дава задача да напише што и да е, неколку странички како домашно. Во еден момент на бунило од пладневна дремка, пред очи му се појавува силуета на девојка која му ја распалува инспирацијата. Таа, Руби, станува главен лик во неговата нова книга - има 26 години, сликарка е од Дејтон, Охајо, а идоли ѝ се Богарт и Џон Ленон.
Калвин е пресреќен што почнува да пишува, но тоа чувство му се меша со блага вознемиреност кога во паркот среќава луцидна, симпатична девојка, која неодоливо потсетува на онаа од сонот. Во еден момент таа му се појавува и дома, лежерно му се шета по лилави хулахопки, одлично готви, и како што изгледа, му е девојка. Погодивте, има 26 години, сликарка е од Дејтон, и ги сака Богарт и Ленон. Калвин прво помислува дека полудел, но кога сфаќа дека и сите околу него ја гледаат (вклучително и најсомничавиот - неговиот брат), решава да ги сврти работите во своја корист, и да ужива во врската со својата креација.
Но дури и книжевните ликови си бараат одредена слобода - кога Руби почнува да се жали дека се чувствува изолирано од останатиот свет, дека сака да се запише на курс за сликање и да минува барем една ноќ сама во нејзиниот стан, Калвин почнува да паничи. Тоа е моментот кога тој-писателот ја преминува границата, и почнува да ја злоупотребува својата Креаторска моќ. Во романот почнува да допишува ситуации кои на почетокот изгледа како да му одговараат, но кои подоцна излегуваат апсурдни. Така, кога тој пишува „Руби е очајна и сака да се врати" таа навистина се враќа, но се однесува како двегодишно дете, постојано го држи за рака и не може ништо да направи сама. Кога потоа тој ја менува приказната со „Се однесуваше како вистинската таа, некогаш тажна, некогаш весела", таа навистина се однесува така, но е непредвидлива, па „лошите" моменти се погодуваат во невреме. Во една антологиска сцена, како што Калвин почнува да претерува со измислување психолошки состојби на Руби, така таа од реченица до реченица се менува, зборува француски, скока и се соблекува, пее, лае како куче...На крај и тој сфаќа дека тоа не води никаде и последната реченица од романот гласи: „Кога излезе од станот, Руби веќе беше слободна". Така тој ја пушта да замине засекогаш.
Од целата работа излегува роман кој се вика „Девојка" и постигнува голем успех. При слично шетање на Скоти низ паркот Калвин повторно среќава девојка. Таа ја чита токму неговата книга, има црвена коса и е иста Руби. Овој пат реална?
Сценариото е на Зое Казан, внука на еден од најпознатите холивудски режисери, продуценти и актери, а таа ја глуми и главната улога. За изненадувањето да е уште поголемо, таа и Дано и во реалниот живот се дечко и девојка. Една од улогите, на очувот на Калвин, дизајнер на мебел-боем го игра Антонио Бандерас. А режисерите се истите од Little Miss Sunshine.
Филмот истражува повеќе прашања поставувани во текот на целата историја на уметноста - дали авторот е единствениот сопственик на своето дело? Дали постојат морални ограничувања околу тоа што може еден писател да им прави на ликовите кои ги измислува? Дали оние кои создаваат уметничко дело страдаат од синдром на „мали Богови", и истата ароганција ја пренесуваат во реалниот живот, очекувајќи дека и него со истата леснотија ќе можат да ја прилагодат на своите потреби? Колку книжевните ликови се реални, а колку фиктивни, ако се базирани на човечки карактеристики кои навистина постојат, и во кои многумина можат да се препознаат?
Но приказната за Пигмалион, онака како што е раскажана во „Руби Спаркс" ги надминува границите на дилемата во уметноста. Колку ВО ЖИВОТОТ можеме и смееме, само затоа што некого сакаме, некого да менуваме, или да бараме од него тоа да го стори за нас? „Внимавај што посакуваш, за тоа да не се оствари", гласи старата мудрост. Дури и да сме способни да „создадеме" од некого човек скроен по мерката на нашите потреби, дали тој ќе биде реален?