Во Момчилград, на југот на Бугарија, животот во 1977 за семејството на Наим Сулејманов е скромен, но низ неговите детски очи, среќен. На почетокот од филмот тој има десет години, и здраво и набиено тело кое наскоро ќе се покаже како идеално за кревање тегови. Овој спорт во провинцијата на тогашна социјалистичка Бугарија не е многу популарен, но семејството се согласува да го испрати во спортски интернат во блискиот град, а потоа и во Софија, каде тој постепено се развива во сериозен спортист во рамки на националниот тим.
Неговите успеси го привлекуваат вниманието на јавноста, но и на политичките структури, кои сакаат да ги прикажат и како свои, особено пред меѓународната јавност. Наим почнува да руши рекорди, и доколку Бугарија не одлучела да ги бојкотира летните олимписки игри во Лос Анѓелес заедно со другите земји на Источниот блок, тој можел да биде еден од најмладите учесници на Олимпијадите воопшто.
Филмот ја следи неговата рана кариера, но паралелно и промената на политичката атмосфера на југот на Бугарија, главно населен со турско малцинство. Во рамки на „Взродителниот процес“ на Бугарската комунистичка партија, се преземаат насилни обиди за асимилација на муслиманското население (Турци, Помаци - исламизирани Бугари, Татари и Роми). Како што е познато, тој подразбира принудна промена на арапско-турските имиња со бугарски, забрана за користење на мајчиниот јазик на овие групи во јавност, ограничување на традиционалните обичаи и забрана за верски обреди. Оние кои одбивале соработка биле изложени на гонење, затвор и интернирање во озлогласениот работен камп Белене, сместен на оствор во Дунав. Протестите и меѓународниот притисок го тера Тодор Живков на крај од 1980-тите да иницира нивно иселување кон Турција, кога над 360,000 муслимани ја напуштаат комунистичка Бугарија. На 11 јануари 2012 бугарскиот парламент официјално го признава овој чин како етничко чистење, иако во земјата и денес нема целосен консензус околу ова прашање.
Како и во случај со голем број други познати дисиденти од областа на уметноста и спортот, и Наим - во меѓувреме со сила прекрстен во Наум Шаламанов - се обидува да избега во текот на неговите натпреварувања во странство. Тоа воопшто не е лесно под будното око на разузнавачките служби и „чуварите“ кои му се доделени. Но во 1986, со помош на турската дијаспора во Австралија, на финалето на Светскиот куп во Мелбурн, тој успева најпрвин да се скрие во тоалет на ресторан, па по куќи на помагачи, за на крај да биде префрлен најпрвин во турската амбасада во Лондон, потоа во Истанбул и на крај со приватен авион на тогашниот премиер Тургут Озал да биде пречекан како херој во Анкара. Неговата националност му попречувала да се натпреварува на Олимпијадата во Сеул во 1988, па Турција морала да исплати на бугарската влада 1,25 милиони долари за таа да го дозволи истото.
Во текот на сите овие премрежја, главен мотив на Наим - барем онака како што е прикажан во филмот - е неговите спортски успеси да му овозможат јавно говорење за проблемите на турското малцинство во Бугарија. Тоа и се случува, кога како дисидент но и врвен спортист се нашол во фокусот на интересирањето на меѓунарoдните медиуми - тој е на насловните страници на најголемите светски списанија, а бил поканет и во Белата куќа од претседателот Реган. Во филмот е прикажан и негов говор во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Се смета дека на овој начин тој придонел за зголемување на притисокот врз комунистичка Бугарија, и за иселување и на сопственото семејство кое долго го немал видено.
Неговите необични телесни пропорции - подлактиците му биле исто толку долги колку и надлактиците, а торзото иста должина како и нозете - биле совршени за кревање тегови. Тој е еден од малкумината кои кренале над глава повеќе од тројно од сопствената тежина. Неговите успеси секако се должат на постојаните тренинзи под тренерот Иван Абаџиев (познат како „Касапот“), но и на сопствените спортски а подоцна и политички амбиции. Никогаш не се оженил, доста пиел, а во интервју од 2014 изјавил дека имал четири вонбрачни ќерки од која една живее во Јапонија. Починал на 50 годишна возраст во 2017.
Илина, Букбокс