Шриниваса Рамануџан (1887-1920) во неговиот краток живот успеал да произведе 3.900 математички формули, денес скоро сите докажани како точни. Потпирајќи се на нешто што ние го нарекуваме интуиција, а што тој го сметал за божјо провидение, успеал на за тоа време сосема оригинални и неконвенционални начини да дојде до постоечки и нови теореми, особено од областа на математичката анализа и теоријата на броеви (што ќе рече „чиста математика“), кои и денес инспирираат истражувања во овие области.
Во филмот игран од Дев Пател („Милионер од предградието“) Рамануџан ни е претставен во моментот кога за да преживее работи како сметководител и дава приватни часови на студентите од родниот Мадрас, истовремено напорно работејќи математика. Откако најголемите индиски математичари од тоа време се уверуваат во неговата генијалност, некои од нив се обидуваат да му помогнат, контактирајќи со британски колеги од Оксфорд и Кембриџ.
Времето е непосредно пред Првата светска војна, Индија е се уште британска колонија, а Рамануџан е од најниските слоеви на колонизираните. Сето ова придонесува некои од контактираните професори да реагираат суетно и или воопшто да не одговорат на писмата, или да искоментираат дека иако Рамануџан покажува „извесна математичка способност“, неговите резултати се „полни со дупки“.
Но еден од нив, Г. Х. Харди (Џереми Ајронс), професор на Тринити колеџот во Кембриџ, откако ги добива деветте страници ракопис во коверт излепен со индиски поштенски марки, сфаќа дека тука се случува нешто сериозно. Го кани Рамануџан во Кембриџ и му обезбедува услови за работа, инсистирајќи секоја негова теорија, равенка и формула да биде проверена и докажана пред да биде објавена во престижните математички списанија. Ова предизвикува тензија помеѓу нив, затоа што Рамануџан, убеден во точноста на резултатите, а ненавикнат да следи формални процедури, дава отпор, сметајќи дека наместо да губи време на нешто што е веќе очигледно треба да работи на нешто ново. Истовремено, дел од колегите на Харди не гледаат со симпатии кон дојденецот, кој им ги решава задачите пред нос, уште пред тие асално да ги постават.
Во меѓувреме почнува Првата светска војна и работите се комплицираат. Голем дел од студентите гинат во ровови, нема греење и храна, а во кампусот почнуваат и политички поделби (за и против војна). Шансата жената на Рамануџан (со која се има оженето кога таа имала 10 години) да му се придружи уште повеќе се намалуваат. Се влошува и неговото здравје, но иако со напади на кашлање и висока температура тој постојано работи на бараните докази за „знаењето да не умре со него“. Харди во филмот во целата ситуација не се снаоѓа баш најдобро - занесен од математиката, тој заборава дека неговиот соработник е човек од крв и месо, и ненавремено посветува внимание на овој проблем. Во меѓувреме додуша пред сите колеги од Тринити ги претставува резултатите на Рамануџан, залагајќи се тој да стане член на Кралското здружение, истото она во кое членувале Њутон, Дарвин и Ајнштајн, во што и успева.
Војната поминува, Рамануџан се оправа, но одлучува да се врати на една година во Индија за да се види со семејството. Оваа одлука се покажува како кобна, бидејќи напорното патување, како и веројатно полошата здравствена нега во Индија си го прават своето - по една година умира, на свои 32.
Филмот успешно ги комбинира историските околности, расните и културолошките аспекти, како и улогата на религијата во големите научни откритија. Мааната му е што на моменти е прилично мелодраматичен, токму како што стереотипно би се очекувало од филм за напатен и трагичен гениј. Она што сепак го вади за чудо не е главниот лик, туку оној на професорот Харди. Ајронс е толку добар во доловувањето на ликот на емотивно студениот, атеистички пандан на Рамануџан, што на крај излегува дека филмот е повеќе за него отколку за неговиот колега, за чиешто откритие велел дека е единствената романтична случка во неговиот живот (патем, реалниот Харди бил геј, па можеби и навистина имал романтични чувства кон младиот Индиец).
Не мора да знаете ништо за математика за да го погледнете филмот. А она што патемно ќе го научите може да е само плус - на пример магијата на броевите на такси возилата, како 1729, кој иако на прв поглед изгледа „досаден“ во умот на Рамануџан воопшто не бил таков.
(„Загубената“ тетратка пронајдена по смртта на Рамануџан, чие откритие се споредува со евентуалното откривање на десета симфонија на Бетовен)