Изабел и Амелија Кавалини имаат по 91 година. Сестрите близначки живеат во својот пренатрупан дом во Буенос Аирес, во кој доминира огромно пијано, навјасано од немилосрдниот заб на времето, кое ги има нагризено и предметите и луѓето во станот. И покрај својата одмината возраст, тие се уште се способни да се грижат самите за себе, мислата им е чиста, спомените горе-долу свежи. Кога меморијата на едната ќе зашлајфува, таа се потпира врз помнењето на другата - исто како и во младоста, кога секогаш настапувале како пијанистичко дуо.
Овој факт судбински влијаел врз нивните животи. За да не си ја растурат кариерата мажејќи се, или бирајќи индивидуална кариера, тие останале засекогаш врзани една за друга. За ова придонела и раната смрт на мајка им, кога имале десет години, но и фактот дека како атрактивни млади и талентирани девојки заедно привлекувале многу поголемо внимание отколку како солисти. Особено биле популарни во САД, а за тоа сведочат и бројните исечоци од весници и фотографии кои тие ги чуваат во својата неуредна архива. Познат аргентински композитор дури и им посветил композиција под наслов „Девојките“, која станала дел од нивниот постојан репертоар.
Брат им ги советувал никогаш да не се вратат од Америка, но тие не го послушале. Во родната Аргентина нивната кариера брзо спласнала, откако раководители на тогашни културни институции им забележале дека се однесуваат како ѕвезди, преарогантно за локалните услови. Така, нивните имиња полека ги снемало од колективната меморија.
Во нивната меѓусебна интеракција има и многу нежност, но и обвинувања, мрчење и се уште видлива конкуренција. Додека едната свири или пее, другата постојано ја исправа - не е „до“, туку повишено „фа“. Но најголемата караница пред камери се случува кога една од двете кукли за кои тие се грижат како за бебиња, стари речиси колку нив и подарок од нивните родители, се крши на парчиња. „Синот“ тогаш треба да се однесе на мајстор и да се залепи, по што сепак не е оној истиот што бил. Нивната приврзаност кон куклите е по малку морничава, но донекаде разбирлива, бидејќи претставува емоционална „котва“ за време во кое тие биле третирани исто како и куклите, како принцези. Токму така, како аристократки се претставени и на големо масло на платно во дневната соба, веднаш до рељеф на Света Сесилија, заштитничка на музиката и на музичарите.
„Вчера? Не знам кога беше вчера“, вели едната од сестрите слушајќи пораки на (фиксен) телефон кои некој ги оставил претходниот ден. Многу бргу откако нејзината сестра ќе биде примена во болница, и „утре“ станува многу неизвесно. Набргу старото пијано кое во својата внатрешност крие потписи на некогаш славни композитори и пијанисти, е изнесено од дневната.
Илина, Букбокс
Филмот е на програмата на Македокс на 25.08 (четврток) во 21 часот во Куршумли-ан