Во поранешниот СССР, оние филмови кои ќе минеле низ строгата цензура на властите, биле синхронизирани на руски. Публиката никогаш немала прилика да ги слушне гласовите на тогаш славните актери - Кирк Даглас, Џулиета Масина, Грегори Пек - кои за нив биле само дводимензионални тела на платно. „Душата“ им ја вдахнувале руските актери кои правеле и еден Спартак, и еден празник во Рим, да изгледаат поблиски до дома.
Виктор и Раја Френкел се двајца такви актери, кои ја користат можноста по падот на СССР во 1990 да ја напуштат земјата и да се преселат во Израел, обидувајќи се на поодминати години да свртат нов лист. Роднините им наоѓаат скромен стан, но тој чини 500 долари месечно („централна локација, такви се цените“), а дополнителен проблем е тоа што не го зборуваат јазикот. Така, единствената платена работа што Виктор успева да ја добие е лепач на плакати кои предупредуваат од ирачки напад со хемиско оружје (време е на Првата заливска војна), но дури и тоа за него е физички пренапорно. Мала светлина надеж се појавува кога сопственици на видеотека ги ангажираат и него и Раја да синхронизираат пиратирани блокбастери кои се забранети во СССР, па оттаму и многу барани, но снимањето со камера среде кино-сала не се покажува како најдобра стратегија. Полицијата наскоро ја затвора видеотеката.
Така, единствен приход останува ангажманот на Раја, која таа го опишува како „телемаркетинг“. Но она што таа го продава преку телефон не се парфеми, како што кажува дома, туку еротски муабети. Во својата способност да глуми девствена 22-годишна девојка или доминантна и искусна домаќинка таа ги надминува своите помлади колешки, чиј репертоар се исцрпува со тоа што стенкаат во различни тоналитети. Раја не само што има актерски способности, да влегува во улога и соодветно да го менува гласот, туку покажува и емпатија кон своите соговорници, кои почнуваат да ѝ се јавуваат и за обичен муабет, затоа што кај неа наоѓаат утеха и разбирање.
Филмот ја следи стандардната структура на заплет-конфликт-разрешување, и во таа смисла не е нешто невидено или неочекувано. Но начинот на којшто го прави тоа е прешармантен, а главните актери, кои заедно со режисерот се и навистина дел од 900.000-те руски Евреи кои се преселиле во Израел по падот на СССР, одлично ги доловуваат премрежјата низ кои поминуваат нивните ликови.
Кога Виктор конечно открива дека неговата Раја е всушност Маргарита, почнува со чекан да ги крши видео касетите со нивните најзначајни синхронизации. Така индиректно минуваме и низ кратка историја на она што се гледало, односно смеело да се гледа и се синхронизирало во поранешниот СССР, со импресивна листа не само на американски лимонади, туку и на куп европски арт-филмови. Виктор оттаму го смета својот некогашен професионален ангажман не само за просто „папагалско“ говорење на преведено сценарио, туку за начин на градење на вкусот на публиката. Најинтересен момент во оваа смисла е неговата приказна дека придонел за контроверзниот „8 и пол“ да биде прикажан на Московскиот филмски фестивал во 1963, по што филмот изненадувачки ја добил и главната награда. Историските податоци велат дека oва навистина било така. Во меѓународното жири бил и Душан Вукотиќ, најпознатиот член на загрепската школа на цртан филм, како и Стенли Крамер („Судењето во Нинберг“, „Погоди кој доаѓа на вечера“), што е необично со оглед на неговите либерални гледишта. Дали навистина имало актер кој го бранел филмот на Фелини и оттаму тивко учествувал во креирањето на филмската историја - тоа овој филм ни овозможува да го замислиме и да поверуваме дека било можно.
Илина, Букбокс