„Снежана на крајот умира“, „Те дуа жими мене“, „Бизнисот на задоволството“. Ова се три македонски филмови од последниве три години, кои обработуваат урбани, пред сè скопски приказни. Жанровското клатно на секој од нив клони малку повеќе кон драма („Снежана“), комедија („Те дуа“) или кон ангажирана крими-приказна („Бизнисот“). Но голем дел од елементите се речиси идентични: трите П на корумпираноста на системот (од Полицаец, преку Поп до Политичар), лесни и тешки дроги, трговија со луѓе и младина препуштена сама на себе што си го бара патот. На оваа низа се надоврзува и најновиот, „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец, чија македонска премиера се случи на Фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, а во саботата (12.10.) прв пат беше прикажан и во Скопје.
Освртот ќе го започнеме со широк кадар. Темите кои во одредена национална уметност долго време биле маргинализирани и не „ин“, во еден момент можат да избијат вирално, како бран или тренд. Тој подоцна во историјата на кинематографијата може да биде и официјално идентификуван како таков, со јасни хронолошки меѓници и естетски групирања (како оној за францускиот La nouvelle vague, 1958-1969). Не дека немало градски наративи во македонските филмови и до сега. Но моменталниот наплив - а кој знае, можеби додека пишуваме се крчка и некој петти или шести - и тоа на ДЕБИТАНТСКИ филмови на слична тема (и покрај тоа што нивните автори не се од најмладите), е индикативен за потребата да се артикулира современоста и нејзините предизвици и низ овој уметнички медиум. Таквите тенденции во македонската книжевност, на пример, се со многу постар датум. Но во проценката на тоа колку филмот „каска“ треба да се земе предвид сложеноста на филмскиот процес и тоа дека некои од наведените проекти сигурно се развивани со години.
Значи ова со „каскањето“ не мора да е проблем, но може да стане, доколку во пополнувањето на замислената или реална празнина главно се оди со веќе видени референци, а не со автентичен ракопис. Дали го има, и кој е индивидуалниот придонес на „Убиј ги прво децата“ кон раскажувањето урбани филмски приказни во македонската кинематографија?
Во првата сцена од филмот Џорџ (Мартин Ѓоргоски) и Мартин (Стефан Спасов) лежат на градскиот цемент и дуваат. Појавата на „црниот лебед“ - балерината Матеа (Миа Жиро) - во тој нивен свет е како Black Swan Event, настан кој е непредвидлив, има огромни последици а може да се рационализира (и тоа главно погрешно) долго време откако веќе се случил. Благодарејќи на оваа на моменти хипнотичка атмосфера, со забавени снимки, придружени со балетска музика, лихварите, подведувачите, корумпираните полицајци и жртвите на трговија со луѓе стануваат повеќе како ликови од бајка, во која доброто (нели секогаш) победува.
Со ризик погрешно да ја протолкуваме или прецениме намерата на авторите (ко-сценарист заедно со Оровчанец е и Александар Русјаков), ова е бајковиден филм за растењето на генерации кои посакуваат да променат нешто што многу одамна тоне. Како бордел-галија на Вардар, како град што им работи зад грб. Дека сепак не сме толку далеку во разбирачката со нив покажува „таглајнот“ на филмот - МЛАДОСТА Е КУРШУМ ИСПУКАН ВО МАГЛА. Оваа емпатија со предизвиците на созревањето и освестувањето за тоа како стојат работите ни е рефлектирана и низ вклучувањето на хипхоп артистите од типот на Пистолеро, Ди-џеј Гоце и Легијата во саундтракот, чии стихови се хируршки прецизна и веќе евергрин дисекција на болните точки на нашето општество. Токму тука, а не толку во комичното и „гајричиевското“, треба да се бара силата на овој филм. Истото важи и за оние кои ќе дојдат по него а кои би биле на слични теми, ако сакаат навистина да бидат запомнети како значајни во урбаниот македонски бран.
Илина, Букбокс
Види претходно:
Букбокс осврт за „Снежана на крајот умира“ и „Те дуа, жими мене“