Новиот филм на Кристијан Ристески, македонско-кипарска копродукција, започнува од ракурс на една - мува. Низ пикселираните слики, разлигавените флуоресцентни светла и брзото менување на правецот на движење полека станува јасно дека мувата е градска. Градски се - скопски - и филмските судбини на седумте ликови, кои и покрај очигледните асоцијации сепак не живеат во урбана бајка. Сите, како и Снежана, имаат каснато од отровното јаболко и секој од нив, на свој начин, се обидува да го исплука отровот.
Дечко со Аспергер води ноќна радио програма и на тој начин надоместува за недостатокот од комуникација во живо. Уметница живее во самоизолација и под лажно име објавува свои дела на Инстаграм. Tројца другари - сопственик на ДВД-тека „Слабо поведение“, маалски филозоф и вработен во маркетинг агенција разочаран од конзумеризмот, на камперски столици се расправаат не за фудбал или политика, туку за тоа кој е пандан на Линч во порното. Снежана е поранешна музичарка, гинеколог и јака жена која на своите плеќи носи и син на другарка, заглавен во дроги. Сите тие, како и сите ние, се справуваат со токсичноста на современоста со алатките кои им стојат на располагање - хумор, љубов и пријателство, музика и филмови, правење добро дело, понекогаш и додавање отров на отровот како бензин на огнот, за побрзо да се согори.
Феноменот на филмот е што на позадината на ваквата мрачна атмосфера сепак успева да создаде фил-гуд чувство, дека нештата се апсурдни, тажни но не и неиздржливи, кога се има со кого да се споделат. Метафорични свињи има насекаде, тие ги јадат најдобрите круши, пред нив се фрлаат бисери, а тие излегуваат, како во урбаната легенда за крокодилите од Њујорк, дури и од ВЦ шољи. Онаму кадешто има срање зујат и многу муви, додека и самите не бидат смачкани од човечка рака. Всушност „трагичната судбина“ на мувата-наратор е и меѓник на хронолошкото редење на филмските секвенци - п.м.е (пред мувска ера) и м.е. (мувска ера).
Кон антидепресивното чувство секако придонесуваат одличните актери, предводени од најискусната и стамена Снежана (Верица Недеска) која, да има Оскар во Македонија, би го заслужила. Тројцата другари, Ивица Димитријевиќ, Сашко Коцев и Дениз Абдула како навистина да си прават муабет пред гранпче каде случајно се нашла камера. „Џанакот“ Тино Костадиновски е скроз убедлив, радио-водителот Давид Јанакиев, кој прв пат се појавува во долгометражен филм, навистина има радиофоничен глас и лик на н’рд и е одличен пар со „хикикомори“ девојката Наташа Петровиќ. Не помалку впечатливи се помалите улоги на мајката (Катерина Коцевска), локалните криминалци (Александар Микиќ и покојниот Ључо Тодоровски - Упа), продавачот (Мони Дамевски, задолжен и за кастингот), па дури и попот кој се појавува само пар секунди (Владо Јовановски).
Долгогодишното занимавање со продукција на реклами како да оставило белег на режисерското око на Ристески, па целиот град, и покрај својата морална и физичка валканост, нам ни се виде убав. Во филмот нема гнев, нема очај, а богами нема ни радикален бунт. Само луѓе кои се обидуваат не само да не умрат, туку и малку да поживеат. Спојлер: дури и Снежана не умира на крај.
Илина, Букбокс
* Филмот ќе се прикажува на редовен кино-репертоар од 6.10.