Првата сцена на документарецот „Сè што дише“ (All that Breathes), номиниран на овогодишните Оскари, е како од пост-апокалиптична научна фантастика. Во мракот, низ нешто што личи на депонија или остаток од некогашна цивилизација, сè уште има живот, во форма на стаорци, црви и бактерии. Присуството на луѓе се насетува само преку автомобилските фарови во позадина, кои го најавуваат утринскиот сообраќаен хаос, секојдневниот живот на вид кој од врвот на замислената пирамида на моќта ги поткопува сопствените темели.
Двајцата браќа Надим и Мохамед се поинакви. Како модерни донкихоти тие од деца се грижат за повредени птици, особено за локалните црни јастреби. Иако мораат да заработуваат за живот произведувајќи пумпици за сапун во семејната работилница, тие секојдневно трагаат по птици низ големиот град, а кога ќе забележат некоја на која ѝ треба помош не се мислат два пати дали да препливаат гадна и студена вода само за да ја приберат. Приучени во ветерина, но сепак вешти и со голема љубов, тие им пружаат нега додека не закрепнат а потоа повторно ги пуштаат на нешто што би требало да биде слобода, но всушност е само уште еден голем кафез во кои се затворени и луѓето, и птиците, и сè што дише во големиот и загаден град.
Среде обидите да дојдат до финансии за овој свој потфат и да се дообразуваат, тие се соочуваат и со насилната политичка реалност во својата земја, во која радикалните верски струи се закануваат со протерување и уништување на имотот на муслиманското население. Сцените на достоинствени птици кои го надлетуваат човечкото ѓубре се испреплетуваат со валканите игри кои се одвиваат на земјата. Гледано од таква, птичја перспектива, човечките животи се навидум мали и безначајни. Но во микро-светот на Делхи работата на браќата има спасено животи на 20.000 птици чии патишта се вкрстиле со нивниот. Дали е тоа малку или многу? Дали се „исплати“ да се санираат последиците, кога основните причини никој не може да ги спречи?
„Луѓето забораваат дека и тие се само парчиња месо“, вели еден од браќата на почетокот на филмот. Како што јастребите се борат со силите кои сакаат да им го прекинат летот, така и тие се обидуваат да се одлепат од трагичноста на секојдневието, со тоа што додека дишат ќе се жртвуваат за нешто во што длабоко веруваат - правото на живот на сè што дише.
Илина, Букбокс