Бен Маналовиц работи за „Њујоркер“ и живее онака како што замислуваме дека живеат млади интелектуалци во светска метропола - оди по промоции, го викаат на журки на покриви, а телефонот му е полн со имиња на девојки чиј број го собрал по пат. Така, во „Кјара?!“ прашалникот значи дека сеќавањето за Кјара е избледено, а извичникот дека сепак вреди човек повторно да се јави. А не е јасно дали под „Бринета журка рендом хаус“ се мисли на девојка која ја запознал на журка на издавачот „Рендом хаус“ или на забава во куќа на непознат.
Лефтерниот свет на Бен се свртува на глава кога тој добива повик од семејството на Абилин, негова бивша. „Која Абилин?“, се обидува да сфати пребарувајќи по мобилниот, додека гласот на нејзиниот брат со тежок тексашки акцент му објаснува дека таа починала, но дека до последниот момент го спомнувала како нејзин најблизок. Вистината е дека тие на времето се мувале, Аби се обидувала да му привлече внимание на Бен и со својот музички талент, но тој никогаш не ги отворил видеата кои му ги испраќала, ниту пак навлегол во нејзиниот приватен живот. Сетоа ова ќе биде надоместено откако сепак ќе се согласи да појде до Тексас, на место оддалечено осум часа од Далас, еден од само двата града во Тексас на кои Бен им го знае името.
Овој телефонски разговор е вовед во темата „сини“ и „црвени“ американски држави, цивилизирани наспрема примитивни, начитани и научно потковани наспроти рамноземјаши. Што комбинирано со уште една неочекувана информација - дека Аби била убиена - е одличен мотив за Бен да остане со семејството и да го сними одамна посакуваниот подкаст, кој според него може да биде аудио пандан на „Ладнокрвно убиство“ на Капоте.
„Ти си единствениот белец во Америка без подкаст“, го зафркава неговата продуцентка, на која успева да ѝ ја продаде приказната. Барем на почетокот тие ги следат темплејтите на ваквите „тру крајм“ емисии, за постепено, низ разговорите со локалците, нему (и нам) да ни се разниша предрасудата за тоа дека се работи за „едноставни“ (читај: прости) луѓе, вооружени до заби, со зазор од официјалните власти („Тука никогаш не се јавуваме на 911“), чија потреба за култура и забава завршува кај родеото и локалниот бренд сендвичари, кој е добар само затоа што е „секогаш во близина“.
Помеѓу соговорниците има и такви кои се неверојатно софистицирани и ангажирани во својот светоглед. Во ова предничи Квинтен Селерс, сопственик на студио (наречено „Фабрика“ според Ворхол) и продуцент, кај кого Аби ги направила своите први снимки. Неговите толкувања за врската помеѓу бројот на сончеви часови во Тексас и епидемијата на дрога и насилство, како и за лажната софистицираност на оние кои постираат цитати од Оскар Вајлд а не прочитале ниедно негово дело, се најсилните моменти на филмот, особено кога доаѓаат од човек со везена кошула, каубојски шешир и бели чизми. „Распадот на цивилизацијата е секогаш таков, остануваат само прашинки, фрагменти. Но се уште можеме да сториме нешто. Снимајќи реални луѓе, не стереотипи или генерички песни“, вели тој, практично пишувајќи му го манифестот на Бен во негово пасивно присуство. Ештон Качер за улогава има заслужено некоја од големите награди.
Дебитанскиот филм на Б.Џ. Новак, најпознат како автор и дел од актерската екипа на американската верзија на „Д Офис“, но и скриен автор на мемоарите на Ненси Реган и Меџик Џонсон, натрупал многу нешта во саат и 47 минути. 100%. Но „Одмазда“ е сепак освежувачки филм, а пиштолот од првите сцени навистина, а не како кај Чехов, пука во последната.
Илина, Букбокс