„Џон беше тип на човек кој ќе купеше Рејнџ Ровер кој не можевме да си го дозволиме и ќе потрошеше илјадници фунти на персонализирана регистрација“.
Вака го опишува својот сопруг Ен Дарвин, жена на свои 50-тина години, со два возрасни сина кои се единственото нешто со коешто се гордее. Остатокот од животот главно го посветила на готвење, чистење и грижа за третото „дете“ во семејството - Џон, кој и покрај своето славно презиме (Дарвин) не покажува баш висока интелигенција, особено кога се во прашање пари. Неговите инвестиции „од шупливо во празно“ го закопуваат семејството во долгови, извршителите тропаат на вратата, а единствениот „пеколен“ план кој го има Џон е да го извади кануто од подрумот и обезбедувајќи дека ќе го видат што повеќе луѓе, ќе влезе во морето, за потоа да се појави под друг идентитет, трошејќи ги парите од осигурувањето.
Ова за Британците е познат случај. Во 2002, 51-годишен поранешен наставник и актуелен затворски чувар потопил кану близу својот дом во приморското место Ситон Кару, ја лажирал својата смрт и кратко време се криел во шума. Во меѓувреме, жена му го пријавила за исчезнат, ги лажела своите две деца дека е мртов и ги побарала парите од осигурувањето. За сето тоа време во серијата и нејзе, и нам, ни е јасно дека нештата само ќе се комплицираат, и дека тие никогаш нема да живеат спокојно на некоја егзотична плажа со коктели во рака, како на филм.
Па сепак, и покрај сиот страв и срам, Ен во ниту еден момент не му вели „не“ на сопругот. Серијата оттаму многу повеќе се занимава со нејзиниот лик и мотивации отколку со неговиот. Тој е таков каков што е, инфантилен лажго, таа делува позрело и поодговорно но не успева да му се спротивстави. „Мислев дека ќе ме остави“, вели на сослушувањето откако се фатени, објаснувајќи го своето однесување. Осаменоста по 35 години брак со првиот дечко којшто го имала за неа е поголема казна од можниот затвор.
А и како нема да ги фатат, кога траги има насекаде, а „криењето“ на Џон се состои во негов престој во лепенката до сопствената куќа, во која влегува преку „таен“ премин? Ова, плус куп документи за купопродажба на имоти, лажирање идентитети и една посебна фотографија се основа за затворската казна, која иронично, излегува подолга за Ен отколку за Џон. За неа најголем предизвик останува повторното поврзување со синовите. А Џон...тој по излегувањето од затворот повторно се жени, исто како и вистинскиот. Најновата информација за вториов е дека на возраст од 71 година заминал за Украина да се бори против Русите. Кога неговата втора жена била запрашана што мисли за ова, изјавила: „Тој има панцир и добро животно осигурување, што за мене е супер“.
Серијата е достапна на ХБО во 4 продолженија.
Илина, Букбокс