Даирус МекКолум може лесно да помине како вработен во транспортниот ситем на Њујорк. Корпулентен, спастрен во униформа, со свирче и сите салтанати, тој делува авторитетно и како човек кој знае што прави. Неговото познавање на транспортниот систем на Њујорк е импресивно, како и техничките детали на управувањето со воз или автобус. Неговите најави на звучник се поинакви од рутинските - се обидува во нив да внесе хумор и ентузијазам кои би им го разубавил денот на патниците.
И сето тоа е фино, само што Даирус не е ниту вработен, ниту формално обучен за да ги прави сите овие работи. Униформата која ја носи е украдена, а неговото лажно претставување казниво со затвор, во кој тој поминал повеќе од половината од својот педесет и седумгодишен живот.
Документарецот посветен на овој лик ни ја разоткрива неговата биографија, обидувајќи се да го поврзе неговото необично однесување не со некаков каприц, туку со негова реална дијагноза - Аспергер од аутистичниот спектар - која прави тој да е опседнат со повторливи дејства во средина во којашто се чувствува сигурно и која добро ја познава. За него тоа е подземната железница, каде ги поминувал детските денови, криејќи се од поагресивните деца од училиштето кои го малтретирале како различен. Таму се спријателил со вработените, кои малку по малку го подучиле сето она што можело да се знае за транспортот во големиот град. На возраст од 8 години ги знаел сите конекции а мајка му често одговарала на телефонски повици од пријатели кои барале совет како да стигнат до некоја локација. Но најголема слава, која ќе го одбележи како животно бреме, ќе постигне кога на 15 години самиот, без надзор, извозел 8 метро станици. Иако тоа го сторил беспрекорно, некоја патничка го забележала и го пријавила, а последици имал и вистинскиот возач кој тоа му го дозволил.
Медиумите ја пренеле веста, но не му направила услуга - сега за Дариус знаеле сите оние кои во иднина ќе решаваат за тоа дали тој ќе работи за градскиот превоз, затворајќи му ги вратите како на поранешен „криминалец“. Неговите обиди да се приближи на овој свет се навистина трогателни - реално тој никому не му наштетил, а системот не му дозволува да си го најде своето место, ниту како возач, ниту како кондуктер, па дури ни како волонтер во Музејот на њујоршкиот транспорт!
Наместо тоа, Даирус поминал 23 години (од своите 57) во затвор со максимална безбедност, заедно со силувачи, крадци и убијци. Таму не добивал никаква психолошка помош, а должината на затворските казни само се зголемувала поради фактот дека е повратник. Врв е моментот кога властите ќе му стават електронска алка која спречува тој воопшто да се симне под земја, а камоли да се качи во воз. Притоа, не смее да го напушти Њујорк и да замине во Северна Каролина кај мајка си, поради условноста на казната. Сметајќи дека е подобро да е во затвор отколку да се измачува сам и без работа, ја кине алката и минува 24 часа радосно возејќи се со метро. До следниот ден, кога е фатен и вратен во затвор.
Документарецот го следи подолг временски период, а во моментот кога тој завршува Дариус е повторно, по кој знае кој пат, во затвор. Во филмот освен роднините се појавуваат и голем број психолози и правници кои го критикуваат американскиот правен и затворски систем, и се залагаат за изнаоѓање поинакво решение отколку просто отстранување на Дариус и луѓето како него. Засега изгледа дека ваквите напори се сепак залудни.
Илина, Букбокс