Фрида Келер, работејќи како келнерка во локална кафана во кантонот Тургау во Швајцарија, била силувана од газдата и останала бремена. За да се скрие од семејството и соседите до породувањето се преселила во блиско село, но татко ѝ сепак дознал и се откажал од неа. Немајќи друго чаре, синот Ернст го дала во интернaт воден од католички калуѓерки.

Но чувањето не било бесплатно, а Фрида постојано доцнела со исплатите. Кога Ернст наполнил четири години, од таму ја повикале да си го земе, бидејќи веќе немало место за деца како него, родени вон брак. Фрида се обидела да го задржи, кажувајќи му за детето на својот тогашен дечко со кого планирала брак, но тој по ваквото признание ја напуштил. На 2 мај 1904 го зела детето од интернатот, велејќи дека го носи кај тетка во Минхен.
Телото на Ернст било пронајдено од планинари на 7 јуни среде шума близу интернатот, покриено со кал и лисје, со јаже околу вратот. Откако јавниот обвинител издал оглас во локалните весници опишувајќи ја облеката на детето, две калуѓерки што се грижеле за него го идентификувале. Уапсена следниот ден, Келер веднаш го признала убиството, велејќи дека била толку очајна што немала друг избор.
Судењето започнало во ноември и завршило прилично брзо, со смртна казна. Но за јавноста, која будно ги следела деталите, ова било шокатно. Се активирале тогашните женски здруженија, а на страната на Фрида застанале и тогаш познати писатели и психијатри. Поради ваквиот притисок пресудата е променета во доживотен затвор во самица, со обврска за молчење - без посети и забрана за комуникација. Како резултат на сето ова, Фрида развила депресија и откако била ослободена поживеала само уште некоја година.
Наместо да се задржи на трагедијата, филмот го проширува наративот преку односите меѓу повеќе ликови, создавајќи покомплексна и избалансирана приказна. Особено внимание посветува на женските ликови, кои не се споредни фигури, туку активни носители на дејството и на општествените промени во едно време доминирано од мажи.
Преку приказната се разработуваат и односите меѓу обвинителот и неговата сопруга, како и меѓу адвокатот на Фрида и неговата силна и независна жена. Токму овие релации внесуваат дополнителна длабочина и понекогаш полесни тонови во филмот, но и отвораат простор за нови интерпретации на самата Фрида, за која историски има малку податоци.
Филмот исто така го поставува случајот во поширок општествен контекст, покажувајќи како тој подоцна придонел за промени во швајцарското кривично законодавство. Приказната открива колку правниот систем бил неповолен за жените - овој случај станал симбол на таа неправда и поттикнал женски движења што се бореле за еднакви права, што на крај довело до законски реформи и укинување на смртната казна.
Илина, Букбокс