Метју Меконахи на почетокот на „Противниците на Амзаја Кинг“ делува како „шано-мано“ лик, за кого очекуваме, така седнат наспроти полициски инспектори, дека е оној виновниот, за што и да е. Всушност, човекот е викнат на испомош, како експерт за мед во рурална Оклахома, кадешто луѓето не само што заработуваат од својот, туку знаат и подмолно да крадат туѓи колонии и залихи.
Во сцена која како да е излезена од кујната на Тарантино, тој и неговата тајфа треба да го истопат медот од огромно буре за да видат дали на дното го има вообичаениот отпечаток за неговото потекло. Она што следи е блесав заплет полн хумор, брзи монтажи и добра музика - во толкава количина што на моменти филмот делува како мјузикл.
Режисерот и сценарист Ендру Патерсон постојано ја повлекува паралелата меѓу човечката заедница и кошницата. Ако секој си ја знае својата задача и соработува со останатите, животот може да биде мед и млеко. Освен кога ќе се појават надворешни пчели-предатори во човечки лик, на кои ни најмалку не им е гајле за еколошките, социјалните и други аспекти на целиот потфат.
Курт Расел игра токму еден таков бизнисмен, Доб Мекој, чии потези ќе го сменат целиот тек на приказната. Притоа, клучна улога во спасување на ситуацијата има Катери – девојка која како мала била згрижена од Амзаја и неговата сопруга, заедно со братот, кои по смртта на сопругата билe одземени од семејството. Остатокот од детството го поминала во насилство и нестабилност, до нејзиното враќање во Оклахома, каде Амзаја ја обучува за одгледување пчели и правење мед. Таа полека станува „кралицата“ - оската околу која се одвива заплетот.
И покрај мотивирачката приказна за правда и спас на локалните традиции, сепак филмот остава малку невоедначен впечаток - наспроти првата половина на филмот која е „шајни-хепи“, втората повеќе личи на крими приказна, во која ликовите, истите оние кои веќе ги засакавме како морално исправни, носат макијавелистички одлуки кои прават да се запрашаме - дали навистина нивната цел ги оправдува суровите средства? Ова, како и прекумерното „сецкање“ на сцените, непотребните „замрзнати“ фрејмови и исто таквиот слоу моушн, ги прават 130-те минути троа предолги. Сепак, има две нешта заради кои вреди да се гледа - Метју Меконахи во верзија на нашата Атиџе и музиката за која Меконахи со месеци учел да свири на мандолина (а и добро пее). Освен нашата „Што ми е мило ем драго“ која, како што пишувавме тука, се појавува во една од сцените во изведба на ансамблот „Китка“, има и други добри - слушнете сами.
Илина, Букбокс