Букбокс гледаше

„Банкарот“ (2020)

Иако изгледа дека сè во сферата на филмот е стопирано, неодамна Епл ТВ+ го промовираше својот прв оригинален филм, базиран на вистинска приказна на двајца афро-американски бизнисмени кои успеваат да го изиграат расистичкиот систем на 1950-тите.

Се викале Бернард Гарет и Џо Морис. Во 1950-1960, време кога во САД не можело да се замисли Афро-Американци да се занимаваат со нешто што не е шофер или чистач, успеале да изградат империја на недвижности и да развијат банкарски бизнис. Сето тоа благодарејќи на нивната храброст, знаење, и еден физички работник - белец - кого го обучуваат да изигрува богат бизнисмен, нивен „Тројански коњ“ во белиот свет на зелените пари.

Премиерата на филмот беше планирана за декември, за на тој начин да му се обезбеди можност да влезе во трката за големите филмски награди. Но таа мораше да се одложи затоа што продуцентот, кој игра и една од споредните улоги, доби тужба од својата полусестра за наводно силување. И покрај одложувањето, сега тој одлично ја освежи филмската понуда, која оваа година сигурно нема да биде толку богата, заради големиот број одложувања и откажувања (види: „Што ќе се случи со филмовите стопирани заради вирусот?“)

Филмот почнува со детството на Бернард Гарет (Антони Маки), талентиран црн тинејџер кој расте во Тексас во доцните 1930-ти, и ги прислушкува белите бизнисмени додека им ги гланца чевлите. Сè што учи за зделките со недвижнини и за берзата го запишува во тефтерче, за набргу толку да навлезе во финесите на овој пазар што и самиот станува сопственик на недвижности во Лос Анѓелес, главно во црнечките населби.

Но неговите амбиции се многу поголеми, и тие немаат толку врска со сопствено богатење, туку со тоа да им овозможи на оние маргинализираните и онеправданите да се здобијат со финансиска помош (заеми, кредити) и со тоа да ги поткрене, не само економски, туку и во смисла на самочувство. Со помош на неговиот бизнис партнер Џо Морис (Семјуел Џексон), тие развиваат шема која им овозможува купување на имот на битни локации во градот, па дури и на цела банка. Сето тоа додека (буквално) стојат во сенка, преправени во чистачи или шофери, а нивниот соработник, белиот Мат Штајнер (Николас Хулт) ги води бизнисите во нивно име.

Самата приказна и нејзината реална позадина, ритамот, дизајнот и хуморот во филмот се неговите добри страни. Малку потешко се следат стручните детали околу бизнисот со недвижнини, сета таа математика која Штајнер мора да ја научи за да делува убедливо, вклучително и професионалниот сленг. Но и без да сте економист или агент за недвижности, дејството е јасно и возбудливо. И барем за момент ги оттргнува мислите од болести и карантини.


 

25 март 2020 - 11:16