Обично, кога се одложува премиера, тоа може да биде од неколку причини. Често е затоа што сите веќе знаат дека филмот е глуп. Или има внатрешни несогласувања, како за „Маргарет“ на Кенет Лонгран, снимен во 2005 и запрен поради должината од 165 минути, за после да биде пуштен со 150 и одлично искритикуван - но шест години подоцна, што малку го утепа маркетиншки.
Понекогаш се контроверзи во прашање, како во 1980-ти кога се забрануваа насилни филмови, па ги пуштија во 1990-ти и популаризираа канибализам и масакри.
Овој пат, за „Големата пауза“ не е никој крив.
Дали ќе бидат застарени кога ќе излезат? Дали ќе ни прави некаква разлика ако го гледаме новиот Џемс Бонд во ноември, наместо во април? Или 9-тиот „Брзи и бесни“ да го гледаме една година подоцна? Има и наслови што се врзани со периоди во годината. Peter Rabbit 2 одговара за Велигден, West Side Story е совршен за семејно гледање околу Божиќ, па тешко дека ќе се откаже од декемврискиот период за кој е планиран. Најсериозни проблеми има извиканиот „Новите мутанти“ од Х-Мен франшизата, кој наводно е комбинација од Стивен Кинг и Џон Хјуз, сниман во 2017 и закажан за 2018. Оттогаш сменија неколку пати, заради креативни разлики, преснимувања, преземањето од Дизни - за на крај конечно да го испланираат април и да им се деси - корона.
Можат барем да се утешат со „Другата страна на ветрот“ на Орсон Велс: Почнат со снимање во 1970, сецкан, напуштен, изгубен, конечно пронајден и завршен во 2018, три децении по смртта на Велс, главната улога Џон Хјустон и повеќето од екипата. И е наводно ремек дело, чие апсурдно тешко раѓање само го појачува искуството.
Овде лежи лекција: ако одложувањето трае доволно долго, веќе не е приказна - легенда е.