
Ако некогаш сте се обратиле на вештачка интелигенција за совет како да се справите со комплицирана ситуација со пријател или колега, да знаете дека не сте само вие - за многумина, ВИ станува еден вид јасновидец - значи насоки, емоционална поддршка, јасност во моменти на несигурност... Сѐ што сме чуле дека бараат и политичари од нивните дежурни јасновидци.
Предупредувањето од експертите е како и секогаш дека претерување може да доведе до зависност од технологија. А не ни е ова ново - барање одговори надвор од себе е пракса со милениуми наназад - вклучувајќи и религија, спиритуални сесии, тарот карти, гледачи на кафе и слично. Некогаш маргинални, овие практики сè повеќе стануваат мејнстрим - според истражување на Pew Research од 2025 година, речиси секој трет Американец користи алатки како тарот или астрологија барем еднаш годишно. Трендот многу добро поминува и кај Генерацијата З и на социјалните мрежи.
Сега се случува интересна пресечна точка: вештачката интелигенција и окултните практики почнуваат да се спојуваат на неочекувани начини. Сè поголем број гледачи на тарот, од почетници до искусни практичари - почнуваат да користат ВИ за да им помогне во интерпретацијата на картите. Проблемот е во фактот што целата суштина на таротот што се продава е токму интерпретацијата, а ВИ најчесто нема увид во личната историја, контекстот или емоционалната позадина на личноста за која се прави читањето.

Патем, тарот картите доживуваат своевидна ренесанса - иако денес најчесто се поврзуваат со духовност и предвидување, таротот првично не бил окултна алатка. Потеклото му е како игра со карти која од Италија подоцна се проширила низ Европа.
Со текот на времето, практичари и окултисти почнале да им доделуваат симболички и мистични значења на картите, црпејќи инспирација од кабала, нумерологија, египетска симболика и други традиции. Во почетокот на 20 век, британската издавачка куќа William Rider & Son го објавува Rider-Waite-Smith шпилот, кој станува најпознатата тарот колекција во англиското говорно подрачје. Во 70-тите постоеле само неколку тарот шпилови, но денес постојат илјадници варијации на тарот и карти за прорекување. Стандардниот шпил содржи 78 карти, секоја со сопствена симболика, а практичарите ги користат за да размислуваат за сложени прашања - од љубовни односи до политички и општествени дилеми.
Значењето на картите секогаш зависи од контекстот, на пример: картата „Кулата“ (The Tower) во прашање за врска може да се толкува како најава за раскинување, но и како рушење на илузии. Толкувањето зависи од другите карти, прашањето и личната ситуација на читателот. Во тоа се крие клучната разлика со ВИ системите - тие често нудат јасен и дефинитивен одговор, дури и кога немаат целосен контекст.
Во истражувањето, биле интервјуирани 12 тарот-гледачи за начинот на кој користат ВИ при нивните читања и резултатите покажуваат две спротивни тенденции. Од една страна, многумина користат ВИ за да си го олеснат процесот на интерпретација - наместо сами да ја анализираат комплексноста на повеќе карти, тие бараат директно толкување од ВИ. Ова го критикуваат останатите во нивната заедница, затоа што работат на интуиција, па се жалат дека ВИ може да ја ослаби интуицијата и личната интерпретација.
Некои дури користат ВИ како замена за консултација со пријатели, особено кога не сакаат да „оптоваруваат“ други луѓе со своите дилеми околу извлечените тарот карти, а така се создава едностран однос со технологијата што делува како поддршка - феномен познат како парасоцијална интеракција. Интересното е, а тука некаде лежи и проблемот што дел од учесниците дури и необични или „случајни“ ВИ одговори ги толкуваат како значајни, слично како што се толкува случајно извлечена тарот карта.

Инаку, вештачката интелигенција сè повеќе се придвижува кон бивање дигитален „пророк“ - во едно поново истражување, се покажува дека до 87% од корисниците на генеративна ВИ ја користат за лични потреби - вклучувајќи емоционална поддршка, совети за односи и психолошки дилеми. Во некои случаи, ова може да биде навистина корисно, но постои и ризик од прекумерна емоционална зависност, замена на реални односи со дигитални и засилување на погрешни уверувања.
Професионалци од различни области - од адвокати до терапевти, па дури и свештени лица - сè почесто користат ВИ во својата работа. Папата Лав XIV неодамна предупреди дека духовните водачи треба да бидат внимателни со користење на ВИ за пишување проповеди.
Нам ни е само преинтересно времето во кое живееме - ќе веруваше ли некој пред 5, 10, 50, или 500 години дека ќе се бавиме со овие две нешта во истата тема?