Проект: Виртуелен хор

Гласови од целиот свет, сплотете се

Има повеќе причини зошто ви го препорачуваме следново видео. Прво, типот е многу згоден. 

Второ, тој е еден од комерцијално најуспешните композитори на класична музика на нашево време, кој како мал всушност сакал да биде петти член на Дипеш мод. Трето, има организирано интересен колективно генериран проект, кој наскоро ќе ја доживее својата четврта верзија.

Ерик Витакер (Eric Whitacre) во ова ТЕД видео зборува за виртуелниот хор, проект кој почнал да го организира 2009. година. Тој бира некое од неговите хорски дела, ги поставува нотните записи на интернет, качува видеа во кои диригира на невидливиот хор, и ги повикува заинтересираните алтови, сопрани, тенори и басови да му ги испратат нивните снимки. Притоа, освен за соло делниците, нема аудиции - секој кој ќе испрати снимка се вклучува во крајниот филм.

За последното, трето видео „Водена ноќ" биле испратени 3,746 видеа од 73 различни земји. Овој пат биле понудени и виртуелни часови по пеење од професионални оперски пејачи. Резултатот: неверојатна хармонија на гласови, ликови и приказни, буквално втопени едни во други.

Жена од Зулуленд (јужна Африка), која немала интернет во нејзиното село и минала два дена качувајќи го видеото преку мобилен, човек со оштетен вид кој иако секогаш го посакувал тоа, никогаш не можел да биде дел од хор, бидејќи не го гледал диригентот - сега можел доволно да се приближи на екранот за да може да ги следи неговите инструкции, друга жена која се снимала додека ѝ пее на мајка ѝ на болничкиот кревет. Приказните продолжиле и по снимањето, создавајќи вистински пријателства и соработки помеѓу луѓето кои претходно не се познавале. Склучени бракови, соработки помеѓу композитори, пејачи и поети, но и поддршка во тешките мигови, како смрт на некои од членовите. Со еден збор - убав проект, и убава музика.

26 ноември 2012 - 14:41