„Дами и господа. Ви го претставувам мојот оригинален пронајдок, Водната ќелија за мачење. Иако нема ништо натприродно во ова, подготвен сум да му дадам 1000 долари на оној кој може да докаже дека е можно да се дојде до воздух, откако јас ќе бидам заклучен во неа, и откако таа ќе биде наполнета со вода", се слуша на единствениот аудио документ со гласот на оној кого го нарекуваат „најголем магионичар на сите времиња", но кој всушност сметал дека не се занимава со магија, туку со специфична вештина.
Точката со подводната ќелија прв пат била изведена во 1912. Во неа Худини бил спуштан со главата надолу во голем аквариум, неговите помошници го полнеле со црева и кофи со вода, а потоа го покривале со завеси. Оркестарот ја свирел популарната „Аsleep in the Deep", морнарска песна компонирана во 1897, која зборува за бројните „храбри срца" кои „спијат" во морските длабочини. По 2 минути Худини излегувал нечепнат (дури и незадишан) од кутијата (како го правел тоа е објаснето тука).
Мисијата на Худини во текот на неговиот живот била да покаже дека сетилата можат лесно да бидат изманипулирани, и дека тоа е занает кој се учи и усовршува, а не резултат на некакво „чудо“ - лекција која треба да ја научат бројни современи циркузанти.