На осумгодишна возраст, Леон Порц почнал постепено да го губи видот поради вродено заболување. Тоа истовремено била возраста кога го добил својот прв компјутер. За една година веќе сфатил како да го забрза машински генерираниот глас кој му ги читал вебстраниците и другите електронски текстови, што му овозможило побрзо да ги прима информациите. Денес слуша текстови со брзина пет пати поголема од стандардната, која за необучено уво звучат сосема неразбирливо.
Но неговата љубов кон науката била вистински поддржана дури кога се иселил од својот роден град и заминал за Марбург, средовековен универзитетски град, каде постои специјализирано училиште за слепи. Присуството на една ваква институција влијае врз инфраструктурата на целиот град, кој е опишан како „идеален“ за оние со нарушен вид.
Блиндештудиеншталт (или Блиста) е образовен институт за слепи кој бил формиран во текот на Првата светска војна, за да им обезбеди можности за образование на младите мажи кои биле ранети во војната и како последица на тоа го загубиле видот. Од тогаш институцијата развила безброј иновации вклучително и тактилен математички фонт. Истовремено во соработка со градските власти обезбедиле дека насекаде ќе има „бипкачки“ семафори, тротоари и влезови со поткренати рабови кои се тактилни сигнали за опасност или бариери, а главните објекти имаат и минијатурни бронзени модели, за слепите посетители да можат да ја доживеат целосно структурата на она што не можат да го видат.
Во Марбург постои и школа за јавање за слепи, скијачки, фудбалски и веслачки клубови, а градот има највисок број дипломирани слепи лица.
Голем број од изумите се на самите студенти, кои главно бираат студии од општествените и хуманистичките науки, кои се за нив полесни за совладување и не толку опасни како на пример хемијата, која подразбира ракување со опасни материјали. Но и ова почнува да се менува, бидејќи почнувајќи од 2019 на барање на студентите почнале да се развиваат безбедни методи за ракување со електрични апарати и отворен оган. На пример, специјален сензор, чиј дизајн е развиен во 1990-тите во истото училиште, емитира високи или ниски тонови кога некоја течност ја менува бојата во тек на хемиска реакција.
Сепак, не сите иновации имаат врска со компјутери и апарати. Највредно во атмосферата во Марбург е атмосферата на поддршка и солидарност, која мора да оди рака под рака со развивањето „умни“ градови, доколку тие сакаат да бидат навистина умни.