Веднаш по последниот круг од претседателската дебата Трамп-Клинтон, кој се одржа пред неколку дена, на социјалните мрежи се појавија хаштази од типот на #IAmANastyWoman, како и сајт nastywomengetshitdone.com (гаднитеженизавршуваатработа.ком). Така, една придавка која генерално се смета за навредлива кога се во прашање жени (кои нели треба да бидат смерни и нежни, но никако не „гадни“), се промовираше како титула, која треба да се одработи и заслужи, токму како што тоа го прави Клинтон.
Ова е само една од реакциите на глупостите кои ги истресе Трамп деновиве во врска со жените, и само уште еден начин на кој тој го употреби полот на Хилари за да ѝ опонира. Но nasty во дебатите се појави за прв пат, и луѓето почнаа да ја гуглаат неговата етимологија. Според Оксфордскиот речник на англиски, тој доаѓа од nestig, веројатно поврзан со хаосот на птичјето гнездо, нешто како „несредено“ или „валкано“. Можеби пак коренот е во старофранцуски, nastre, со значење суетен, зол, лош.
Она што е јасно е дека стотици години овој збор ги поврзува физичката валканост со моралната неисправност. Хамлет го користи зборот за да го опише неквалитетниот живот, минат во корупција и секс во „гнасна (nasty) кочина“. Од 17 век истата придавка се користи за лошо време или воопшто за непријатни нешта. Според истражувачи на терминот, како навреда упатена кон жени датира од колонијални времиња, а гадна/гнасна жена е онаа која одбива да се однесува според нормите дефинирани од мажите.
Во 20 век придавката има главно сексуална конотација, и е поврзана не само со сексот генерално туку и со посебно „валкани“ сексуални авантури во кои се впуштаат „слободните“ жени. Со еден збор гадната жена е истовремено и мераклијка (читај: курва).
Во македонскиот ситуацијата е мошне интересна. „Гадна“ или „гнасна“ жена исто така може да биде асоцијација на телесна нехигиена и вештерка од карактер, но постои и „опасна“, што е на половина пат помеѓу комплимент и предупредување. „Аааа, опасна женска е таа“, може да значи дека типката е јака (по карактер, став, изглед), но и дека со неа треба да се ракува со посебно внимание, затоа што таквиот табиет ѝ дава посебна моќ. Спротивно на „опасна“ е веројатно „мифка“, глупава и дрска девојка/жена, која таквата моќ ја посакува, но ја нема. Гуглањето на „опасна жена“ на македонски ни даде живописни резултати, од текстови како „Што е вашата свекрва во хороскоп?“ (во кој таа може од мила и пријатна личност да стане гадна ако ѝ се замешате во штипки), па до такви кои како родово „опасна“ ја опишуваат тројката од СЈО.
Ликот на опасната жена е често опишуван и во македонскиот фолклор. Самовила, вештерка, љубоморна љубовница, снаодлива ќерка и сестра. Жените се „гадни“ отсекогаш. И фала богу за тоа.