Службениот весник на Француската република и до сега објавуваше алтернативи за одреден број вообичаени дигитални изрази. На пример internet clandestin за дарк веб (колку што знаеме нема соодветен македонски израз), mot-dièse за хаштаг, а најновиот предлог, кој наскоро влегува во официјална комуникација во Франција, е le mobile mutifonction (мултифункционален мобилен) за смартфон.
Ова беше сугерирано од тн. Комисија за збогатување на францускиот јазик, која работи во содејство со Француската академија, на зачувување и освежување на францускиот. Неколку нејзини претходни сугестии за смартфон, како ордифон (од ординатор - француски за компјутер) или терминал де пош (џепен терминал) не фатија корен во секојдневниот говор.
Освен за „умен телефон“ комисијата даде и неколку други лексички препораки. Наместо смарт ТВ, на пример, таа сугерираше Французите да велат televiseur connecté oдносно „поврзан телефизор“, а за „нет неутралност“ да се користи директниот превод, neutralité de l’internet.
Иако изгледа дека денешните чувари на францускиот се разбудиле во моментот кога технологијата, а со тоа и англиската терминологија, почна помасовно да навлегува во француското секојдневие, првиот официјален Kомитет за заштита и збогатување на францускиот јазик всушност бил воспоставен во далечната 1966. Тогашниот претседател Де Гол формирал група од 12-18 луѓе, кои биле ангажирани да иницираат збогатување на речникот и да воспостават врски со приватни претпријатија и организации кои се занимаваат со култура.
Нивниот успех препорачаните зборови освен во официјална да преминат и во сеопшта употреба до сега е прилично ограничен. На пример кога францускиот пазар во 1980-тите бил преплавен со Сони вокмени името на брендот бил прифатен како термин за касетофони од секаков вид. Тогаш француската влада го довела терминот „баладер“ (игра на зборови, од balader - пешачење, шетање и ballade - песна, балада), и следните пет години истиот бил преферираниот термин во новинарството и рекламите кога станувало збор за подвижни касетофони. Но во говорниот јазик сите апаратот го викале едноставно - „вокмен“.